Вештачката интелигенција е тука и одговорно ќе ја прифатиме заедно со нашите музички партнери – ова е пораката од седиштето на компанијата „Јутјуб“ во однос на објавувањето музика создадена со помош на генеративна вештачка интелигенција.
„Јутјуб“ планира да создаде регулаторна рамка заедно со музичарите, со цел да ги заштити креаторите, но и да обезбеди слобода на изразување и креативност за оние што сакаат да користат генеративна вештачка интелигенција. Притоа, компанијата истакна три главни принципи за музиката со вештачка интелигенција.
Во рамките на првиот принцип ќе биде формиран музички инкубатор за одговорно и заедничко влегување во проектот со музичарите. Во инкубаторот ќе бидат вклучени одбрани уметници, од композитори до продуценти, и тој ќе служи како советодавно тело.
Освен тоа, системот за заштита на правата ќе продолжи да ја поддржува заштитата на креативците и авторите и да им овозможува да заработат. Меѓутоа, системот ќе мора да еволуира за да се приспособи на новите типови содржина.
И конечно, ќе треба да се приспособат и правилата поврзани со објавувањето на содржината за да се овозможи „техничка манипулација“ со содржината, но сепак да бидат корисни во борбата против дезинформациите и сличните несакани појави.
- Неограничениот потенцијал на генеративната вештачка интелигенција бара внимателен пристап, кој го одразува постојаното проширување на границите на креативното изразување. Генеративните системи за вештачка интелигенција можат да ги поттикнат тековните предизвици како што се злоупотреба на авторски права, дезинформации, несакани содржини и слично. Сепак, вештачката интелигенција може да се користи за да се идентификуваат овие типови содржини, а ние ќе продолжиме да инвестираме во технологија која ни помага да ја заштитиме заедницата на гледачи, креатори, уметници и текстописци - велат од „Јутјуб“.
Извор:
Bug
Насловна фотографија: Pixabay