X
 25.10.2019 Живот

Мотор што работи на алкохол и вода

Еден 81-годишен маж и неговите два сина тврдат дека во нивната гаража развиле систем кој овозможува дизел или бензин-мотор да работи на мешавина од вода и алкохол, односно дека не е потребно фосилно гориво. Ако тоа звучи како предобро за да е вистина, тоа е затоа што и е така.

„Џерусалим пост“ пренесува приказна за компанијата која ја формирале тројцата мажи, наречена „Меј Маан рисрч“, а по шест години тајно развивање таткото Јехуда Шумели вели дека системот кој го создале тој и неговите синови е подготвен за акција.

- Решивме дека ова е вистинското време да се разоткриеме и да зборуваме со луѓето и да му кажеме на светот дека постои ваква еволуција - вели тој.

На интернет-страницата на компанијата е наведено дека системот користи алтернативно гориво составено од 70 отсто вода и 30 отсто алкохол, како што е етанолот, и го претвора во моќно гориво во комората за согорување.

Тимот истакнува дека постојните дизајни на мотори може да бидат сменети и да работат со ова гориво преку едноставни, а сепак софистицирани модификации и дека нивното гориво може да биде ставено во возило исто како што се става бензин.

Горивото потоа, како што наведуваат иноваторите, го напојува возилото 60 отсто поефикасно од бензин, трошокот е дупло помал, а исто и емисиите.

Колку и да звучи возбудливо, западните медиуми веднаш објавија блага критика и забелешка дека сторијата и страницата на компанијата имаат многу малку технички детали за сето ова. Од „Фјутуризм“ го разгледувале и патентот за системот, во кој е наведено дека комората за согорување прима мешавина од воздух, водород и течно гориво составено од вода и запалива, по можност нефосилна, супстанција.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот