Денеска ќе се случи делумно затемнување на Сонцето над поголемиот дел на Европа, а појавата ќе трае околу 2 часа. Ќе биде видлива и од територијата на Македонија, особено со оглед на прогнозата за ведро и убаво време.
Затемнување на Сонцето се случува кога Месечината се наоѓа помеѓу Сонцето и Земјата, делумно или целосно покривајќи го Сонцето, фрлајќи сенка на мала површина од Земјата. Тоа обично е кога единствениот природен сателит на Земјата е во фаза на млада Месечина.
Над главниот град на Македонија, Скопје, затемнувањето ќе почне во 11:27 часот, својот максимум ќе го достигне во 12:34 часот, а ќе заврши во 13:42 часот.
Најголем дел од дијаметарот на Сонцето (над 82 %), Месечината ќе го покрие во Русија, во Источен Сибир, северно од Тјумен.
Последното значително делумно затемнување на Сонцето видливо од овој дел на Европа можеше да се набљудува во 2015 година, иако имаше и во 2021 година со неколку процентна покриеност, односно со слаба забележливост. Следното делумно затемнување на Сонцето од овој регион ќе може да се види во 2025 година, но исто така ќе биде слабо забележливо, додека позначајно делумно затемнување ќе се случи во 2026 година.
Од друга страна, пак, последното целосно затемнување на Сонцето видливо од нашиот регион се случи во август 1999 година (Војводина, Бугарија), додека во Македонија, затемнувањето беше околу 80%. Следното целосно затемнување на Сонцето од овој дел на Европа ќе биде видливо дури во 2081 година.
Затемнувањето на Сонцето не е опасна појава и нема причина за страв. Ако не го набљудуваме затемнувањето, веројатно нема ни да го забележиме и нема потреба да се грижиме за тоа или да се однесувате поинаку отколку што би се однесувале во кој било друг ден. На затемнувањето во 1999 година му претходеше кампања за испрашување на луѓето со различни приказни за зголемено зрачење и други опасни појави за време на затемнувањето. Сите тие приказни беа погрешни, нема зголемување на радијацијата. Сонцето сјае на ист начин како и во секој друг ден, единствената разлика е во тоа што меѓу нас и Сонцето има Месечина, која создава сенка преку сончевиот диск.
Како да го набљудуваме затемнувањето?
Затемнувањето на Сонцето е еден од најатрактивните астрономски феномени за набљудување. Набљудувањето на затемнувањето е релативно лесно и не е потребна дополнителна оптичка опрема. Сепак, потребно е да се води сметка за безбедноста, т.е. никогаш не треба да се гледа во Сонцето со незаштитени очи, туку задолжително да се користат различни средства за заштита. Најдобрата заштита се специјални филмови или очила, но обично не е лесно да се дојде до нив. Од материјалите достапни за сите, најбезбедно е да се користат заштитни очила за заварување. Може да се користат и темни филмови (за старите апарати или сосема темни делови од рендгенски снимки), но никако очила за сонце кои нема да ве заштитат. Специјалните сончеви очила со фолија се најдобриот и најлесниот начин за гледање на затемнувањето.
Во случај да немате ниту едно од споменатите средства за заштита, затемнувањето на Сонцето можете да го набљудувате користејќи индиректни методи. За разлика од директните методи, каде што за време на набљудувањето гледате директно во Сонцето, со индиректни методи ја набљудувате сенката на Сонцето на некоја подлога.