Денес ќе се случи редок и интересен феномен на затемнување на Сонцето над делови на Европа. Ова ќе биде најголемото затемнување над овој континент од 1999-тата година, а над крајните северни копнени подрачја ќе блокира повеќе од 90 отсто од Сончевата светлина. Почетокот на појавата се очекува во 8:25 часот, а средното затемнување во 9:31 часот. Целата појава ќе трае околу околу два часа, додека максималното затемнување ќе трае нешто помалку од три минути. За жал, целосното затемнување ќе биде присутно само над крајните субарктички европски острови: Фарски острови и Свалбард, па во живо ќе може да го следи мал број на луѓе. Остатокот од целосното затемнување ќе поминува низ Атлантскиот и Северниот Леден Океан. Тоа значи дека кај нас, како и од цела континентална Европа, ќе можеме да се види само делумно затемнување на Сонцето. Колку се оди кон север на Европа, толку поголем дел од дискот на Сонцето ќе биде затемнет од Месечината. Во Македонија, најголемо затемнување ќе има над Крива Паланка и селата кон границата на Србија со околу 44% затемнетост на сончевиот диск, над Скопје затемнувањето ќе биде околу 43%, додека над Битола 41%. Затемнувањето на нашите простори почнува во 9.35 часот.
Вака ќе изгледа максималното затемнување на Сонцето над Скопје на 20.03.2015 година во 10.45 часот.
максимумот ќе биде во 10.45 ч., а завршува во 11.58 ч., или вкупно ќе трае околу 2 часа и 23 минути од почетокот на прекривањето на дискот од Сонцето од страна на Месечината, па сѐ до последниот нејзин контакт со дискот на Сонцето. Инаку, последното поголемо делумно затемнување што се гледаше од Македонија се случи во јануари 2011 година, при што над нашето небо беа затемнети околу 64 отсто од Сончевиот диск, или речиси 50% повеќе во однос на претстојното. Затемнувањето пак во август 1999 година, беше уште поизразено, бидејќи во Скопје изнесуваше дури околу 80% (тогаш тоталното затемнување беше многу поблиску, над Унгарија, Војводина, Бугарија и др.). За разлика од кај нас, во Белград затемнувањето на Сонцето ќе биде 52%, во Будимпешта 60%, а во Лондон и во Северозападна Европа 85%. Најголемо затемнување ќе има во северна Шкотска, односно околу 98%. Многу посетители, туристи веќе се пристигнати во северниот дел на Шкотска за да уживаат во комплетниот поглед на затемнувањето на Сонцето. Добра видливост ќе има и во цела Велика Британија. Следното целосно затемнување во Британија не се очекува пред 2090 година, во Централна Европа се очекува во 2081 година.
Интересно е тоа што затемнувањето на Сонцето овој пат ќе се совпадне со феноменот Супермесечина. Само десетина часа пред да почне затемнувањето на Сонцето, Месечината ќе биде во најблиската точка во однос на Земјата, на само 360.000 км (перигеј), поради што визуелно ќе изгледа поголема од вообичаеното.
На следниот линк можете да ја погледнете анимацијата за затемнувањето на Сонцето над Македонија.
Подготвил: д-р Ивица Милевски /
iGeo