X
 25.10.2023 Живот

Вакцина против сезонски грип бесплатно преку „Мој термин“ и приватно за 700 денари

Започна вакцинацијата против сезонскиот грип, граѓани се вакцинираат и бесплатно преку „Мој термин“, но и приватно, на свој трошок.

Директорот на Центарот за јавно здравје - Скопје, Бесим Зеќири, во изјава за медиумите рече дека од утринските часови имало пациенти кои се вакцинирани преку „Мој термин“, како и одредена група приватно.

- Ние имаме вакцини од производителот „Пастер“ од Франција по цена од 700 денари, имаме и вакцини обезбедени преку Министерството за здравство кои одат преку „Мој термин“. Приватни вакцини имаме 1.500 дози. Од Министерството за здравство, вакцини аплицираме толку дози колку што има термини преку „Мој термин“ - појасни Зеќири.

Доколку лицето има настинка, температура или слично, тој советува да се одложи вакцинирањето.

Тој апелираше и до здравствените работници, но и до другите граѓани сите да се вакцинираат затоа што инфлуенцата, или грипот претставува најголем проблем за јавното здравство и во однос на морбидитетот и во однос на морталитетот, значи и во однос на бројот на заболувања и во однос на смртни исходи, особено во зимскиот период. Најдобар начин за справување со овие предизвици е вакцинацијата.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, информира дека со вакцинацијата против сезонски грип сѐ оди во најдобар ред.

- Ги следиме препораките на Светската здравствена организација за обезбедување вакцини во октомври. Би било убаво кога годинава би забележале уште малку пораст на бројот на вакцинирани луѓе, со што би се приближиле до препораките од 75 отсто опфат на населението - подвлече Петличковски.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот