X
 25.11.2019 Наука

Откриени повеќе од 140 нови наскански линии

Научници открија повеќе од 140 нови геоглифи, познати како наскански линии, мистериозни гигантски фигури одамна врежани во пустинскиот терен на југот од Перу.

Насканските линии често прикажуваат луѓе и животни, а утврдено е дека некои прикази се стари дури 2500 години и толку големи што можат да се препознаат само од воздух.

Јапонските археолози од Универзитетот во Јамагата неодамна објавија дека во рамките на долгогодишните истражувања, кои траат уште од 2004 година, откриле 143 досега непознати геоглифи. Тие истакнаа и дека некои од линиите биле откриени од вештачка интелигенција бидејќи било многу тешко да се препознаат со човечко око.

Фото: Science Alert

Археолозите сметаат дека новоидентификуваните геоглифи се создадени меѓу 100 година пр.н.е. и 300 година.

- Сите геоглифи што ги откривме настанале со отстранување на црниот камен кој ја прекрива земјата за да се открие белиот песок под него - објасни истражувачкиот тим.

Според некои претходни научни хипотези, Наските ги обликувале џиновските геоглифи за да може да бидат видени од нивните божества на небото или за да може да им послужат за астрономски цели. Во новото истражување, водено од антропологот и археолог Масато Сакаи, научниците преку анализа на сателитски снимки на регионот Наска, како и преку работа на терен, идентификувале два главни вида геоглифи.

Фото: Science Alert

Најстарите геоглифи (настанати меѓу 100 година пр.н.е. и 100 година н.е.) спаѓаат во групата од тип Б и обично се пократки од 50 метри, додека оние малку поновите (настанати меѓу 100 и 300 година) се геоглифи од тип А и обично се подолги - некои и над 100 метри.

Јапонските археолози сметаат дека поголемите геоглифи, кои често прикажуваат животни, биле обредни места на кои древните жители на тоа подрачје одржувале церемонии при кои уништувале разни глинени садови.



Спротивно на тоа, помалите мотиви обично се сместени покрај патеки и можеби служеле како патокази за ориентација на патници за да ги насочуваат кон поголемите ритуални простори од тип А.

Имено, некои геоглифи од тип Б се прилично мали, а најмалиот од најново откриените е помал од 5 метри.

Секако, и ова се засега непотврдени хипотези и овие линии сѐ уште остануваат една од најголемите светски мистерии.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука