X
 25.11.2020 Живот

Жител на мавровско село ја фотографирал женката рис Лиса од неговата тераса

Жител на мавровско село успеал да ја фотографира женката рис Лиса од неговата тераса. Тој ги испратил фотографиите до Македонското еколошко друштво, од каде што истакнуваат дека е вистинска радост кога жители од мавровските села ќе им јават дека виделе рис, а уште повеќе кога ќе им испратат фотографии од рис што го следат подолго време со ГПС-околувратник.

- Деновиве добивме прекрасни слики од Лиса, деветта различна единка рис заловена во рамките на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година. Станува збор за здрава единка, стара околу 7 години - вели Диме Меловски од Македонско еколошко друштво.




Но, покрај оваа убава вест, од МЕД споделија и една негативна, поврзана со истражувачките активности на Македонско еколошко друштво.

Имено, во месноста Суви Дол, Кичевско, целосно е уништена кафез-замка што била поставена за научноистражувачки цели. Кафезот е уништен од страна на несовесни граѓани и не може повторно да се употреби за следна мониторинг-сесија на балканскиот рис, истакнуваат од друштвото.

- Досега не сме имале вакво искуство и апелираме до граѓаните што се движат во планина дека овој тип на замки е наменет исклучиво за научноистражувачки цели и следење на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Случајот ќе го пријавивме во полиција и се надеваме дека надлежните ќе поведат постапка против сторителите - вели Меловски.



Инаку, вакви замки се поставени на повеќе локации во НП Маврово и надвор од него и се од непроценлива вредност за стекнување нови сознанија за ова ретко животно, кое МЕД активно го проучува и заштитува од 2006 година.

Фото: МЕД

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот