X
 04.12.2018 Живот

Голуб Јаниќ - мавровецот кој му го подарил најубавиот хотел на Белград

Кога ќе зачекорите на белградскиот плоштад Теразије и познатиот хотелски триаголник, не знаете каде попрво да погледнете. Ќе бидете опколени од трите најстари хотели во српската престолнина и ќе останете заслепени од нивнатаубавина. Тука е старата градска дама, хотелот „Москва“, тука е хотелот „Касина“, но и хотелот „Балкан“, кој според многумина е најубавиот белградски хотел. На фасадата на хотелот има две бисти и натпис кој кажува дека станува збор за градба на Самуил и Голуб Јаниќ од Маврово.

Денес, за жал, ретко кој знае кој бил Голуб Јаниќ. Фамилијата Јаниќ потекнува од Маврово. Самуил заедно со таткото Јане (по кого го добиле и презимето) се преселил во Белград и станал трговец. Им помагал на многу вредни млади лица кои подоцна станувале угледни трговци, а станал познат и како еден од првите кои учествувале во судирите со Турците во 1862 година.

Синот на Самуил, Голуб, основно училиште и гимназија завршил во Белград, а потоа како доброволец учествувал во српско-турската и во турско-руската војна. Татко му постепено го воведувал во фамилијарниот бизнис кој Голуб успешно го унапредувал вложувајќи во недвижнини. Тој имал седум големи плацови во околината на Теразије и ги изнајмувал. По смртта на татко му, Голуб се посветил на политика, најмногу на работата на ослободувањето на јужните српски краишта. Бил многу близок со кралот Александар Обреновиќ.

Никола Пашиќ, како претседател на српската влада, често се консултирал со Голуб, а на име на овој трговец и големопоседник биле сите тапии за имоти кои Србија ги купувала во Македонија за српските просветни и национални установи.

Голуб Јаниќ се женел три пати, но немал деца. Неговата трета сопруга била Босиљка Јаниќ, внука на војводата Јанко Поповиќ.



Голуб и Босиљка
Фото: Wikipedia

Починал во 1918 година. Целиот имот ѝ го оставил на Босиљка, која цел живот учествувала во добротворна работа. Основала три фонда кои го носат името на нејзиниот сопруг и членовите на неговата фамилија, а со кои, според интернет енциклопедиите, биле наменети за финансирање на изградба на нови училишта во Македонија, помагање на сиромашни ученици од основни училишта во Македонија и давање награди на скопскиот Филозофски факултет.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот