X
 25.11.2021 Живот

По 73 години вратена книга во библиотека во Велика Британија

По над 73 години задоцнување, една книга е вратена во библиотека во Фајф.

„Величествено дрво“ од Руперт Хјуз, авантуристичка приказна сместена во Бостон, требало да биде вратена во централната библиотека „Данфермлајн Карнеги“ на 6 ноември 1948 година.

Сепак, вработените во библиотеката биле зачудени кога добиле пакет со книгата минатата недела. Книгата била најдена од ќерката на тој што ја позајмил, па била испратена во библиотеката.

- Се насмеав кога ја отворив пратката, не можев да поверувам. Неодамна, по 14 години ни беше вратена книга во една од нашите филијали, за што мислевме дека е неверојатно, но ова беше многу повеќе од она што сме слушнале - вели Дона Девар, вработена во библиотеката.

- Чисто за забава, пресметавме колку би можела да биде казната за доцнење на книгата и станува збор за 2.847 фунти - додава таа.

kniga
Фото: PA Media

Библиотеката им ги прости долговите на позајмувачите во текот на пандемијата за да ги охрабри членовите да ги вратат книгите.

Во писмото, ќерката на позајмувачот објаснува дека нејзиниот покоен татко живеел во Торнтон во Фајф во 1948 година. Таа напишала дека никогаш нема да дознае дали тој едноставно заборавил да ја врати книгата или избрал да ја задржи.

- Сметам дека е фасцинантно да се видат датумите кога била земена книгата, во последните години од Втората светска војна - пишува неговата ќерка.

Гинисовиот рекорд за најзадоцнета книга во библиотека и понатаму го држи една книга вратена на колеџот „Сидни Сасекс“ при Универзитетот „Кембриџ“. Книгата била позајмена во 1668 година, а вратена 288 години подоцна.

Извор: ВВС
Фото: PA Media
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот