Како да го пополниме времето додека чекаме јавен превоз? Користејќи го мобилниот телефон, ќе речат многумина, а тоа се гледа на секоја станица низ целиот свет. Но, во Варшава одлучија да им понудат на граѓаните нешто сосема поразлично. На станицата „Кондратовица“ оваа недела беше отворена „Метротека“, библиотека која се протега на 150 квадратни метри, каде што можат да се позајмуваат и читаат книги и каде што луѓето можат да поминуваат време дружејќи се и разговарајќи.
Под земја се изложени 16.000 книги, а специјална атракција е зелениот вертикален ѕид со зачини
Во „Метротека“ патниците имаат на располагање околу 16.000 книги, а има и две читалници, една за деца и една за возрасни. Книгите може да се позајмат преку „експресна“ самопослужна каса, а се враќаат на истото место или преку специјално шкафче за книги достапно 24 часа на ден. Направен е и заеднички простор за работа и учење, а посебна атракција е вертикалниот зелен ѕид со зачини.
Подземната библиотека беше отворена минатата недела, а беше нагласено дека целта е „Метротека“ да стане образовен и културен центар на градот, не само место за позајмување книги. Уште првиот ден се покажало дека идејата има потенцијал, кога беа позајмени повеќе од 400 книги, најмногу задолжителна литература, патописи и практични водичи.
Овој модел е осмислен со цел да се поттикнат граѓаните да читаат. Според податоците од Националната библиотека на Полска, минатата година само 41 отсто од анкетираните прочитале барем една книга, што претставува значителен пад во споредба со 1990 или 2000 година. Томаш Маковски, директор на Националната библиотека, истакнува дека за време на Втората светска војна Полска изгубила дури 70 отсто од своите библиотеки, па многу генерации немале многу книги на нивните полици.
Мисија: Да се сруши стереотипот дека библиотеките се тивки и затворени места
Отворањето на библиотеката на станицата сака да ги руши стереотипите за библиотеките како затворени и тивки институции.
- Библиотеките треба да бидат убави, отворени, топли, а не застрашувачки. Тоа не е храм, туку место каде што може слободно да се задржите, да учествувате во дебати, консултации или едноставно да се дружите со луѓе - вели Маковски.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото: Biblioteka Publiczna w Dzielnicy Targówek m.st.