Големиот христијански празник Божиќ се слави на два датуми, кои се разликуваат за точно 13 дена. Така, денес, на 25 декември е католички Божиќ, додека на 7 јануари е т.н. православен Божиќ. Знаеме дека разликата е поради користењето на двата календари Грегоријанскиот и Јулијанскиот, но зошто е токму 13 дена и кој календар е астрономски поточен?
Понекогаш, се`уште има недоразбирање за тоа кој календар официјално се користи во Република Македонија, па и во другите држави. Секако, одговорот е Грегоријанскиот или уште познат како нов календар или нов стил. Тој е во официјална употреба во речиси сите земји во Светот. Сепак, неофицијално во употреба се уште десетина други календари. Така, неколку православни цркви, меѓу кои е и македонската, се`уште го употребуваат Јулијанскиот календар и празниците ги водат по тој календар. Двата споменати календари водат потекло од римскиот календар, кој бил во употреба до времето на познатиот римски император Јулие Цезар. Римскиот календар бил непрецизен, создавајќи многу нарушувања и проблеми во јавниот живот. Сметањето на времето според него, по извесно време станало толку тешко што, навистина повеќе никој не се снаоѓал. Последица на несоодветноста на овој календар било и тоа што месеците не се поклопувале со годишните времиња; или на пример празникот на жетвата почнал да паѓа во зима.
За да се надмине оваа хаотичност во стариот римски календар, во 46 година п.н.е. познатиот римски император Pantfex Maksimus одлучил да изврши реформа на календарот. За таа цел Цезар го повикал александрискиот астроном Сосигин (Sosigenes) и му предложил да го реформира стариот римски календар. На тој начин Сосигин создал нов календар, кој во чест на римскиот император е наречен Јулијански. Така, Јулие Цезар од дотогашниот лунарен, преминал на нов соларен календар. Денес овој календар се вика уште стар календар. Јулијанскиот календар има 365 дена. Бидејќи Цезар (Сосигин), за основа на јулијанскиот календар ја зел тропската година која има 365,25 дена, по четири години се појавил еден ден повеќе отколку што имал календарот години. Тој ден се додава на секоја четврта година, која има 366 дена и е наречена престапна година. Првите три се викаат прости години. Денот што се јавува како разлика се додава на месец февруари, па во престапната година овој месец има 29 дена. По јулијанскиот календар, престапни се оние години што се деливи со бројот четири без остаток, на пример 2000, 2004, 2008, 2012, 2016, 2020 година итн. Овој календар, во некои европски земји, до скоро се употребуваше под името “стар стил”. Но и според Јулијанскиот календар, со текот на времето дошло до непоклопување на природните астрономски појави со датумите на нивното јавување во календарот. Сето ова предизвикало пролетната вистинска рамноденица во 1528 година да се појави 10 дена порано, односно на 11 март (денот и ноќта траеле подеднакво долго), а додека на 21 март, кога била календарската рамноденица, разликата во траењето на денот и ноќта била видлива во корист на денот.
За да се отклони оваа неправилност, познатиот римски папа Грегорие XIII одлучил да изврши реформа на дотогашниот јулијански календар. За таа цел, во 1528 година свикал собир на духовните лица и астрономите. Овој собир, на предлог на италијанскиот астроном Лилија, го реформирал јулијанскиот календар и создал нов, кој во чест на папата е наречен Грегоријански календар. Промените во овој календар се состоеле во тоа што датумот 4.Х 1528 година, се сметал како 15.Х 1528 година. Со тоа е исправена грешката – отстапувањето од 10 дена што се собрало во текот на 1200 години, почнувајќи од Никејскиот собир одржан во 325 година, на кој за прв пат е извршена мала корекција. За во иднина да се избегне поместувањето на рамноденицата спрема зимските месеци било решено: во период од 400 години да се испуштаат по три престапни години, односно 100, 200, 300 да се бројат како прости, а не како престапни. Тоа значи дека до 2000 година, наместо да има 100 престапни, да има само 97 престапни години. Тоа се објаснува на следниот начин: по јулијанскиот календар, престапни се сите години со кои завршуваат вековите (1600, 1700, 1800, 1900 итн.), значи 1600 година е престапна и по јулијанскиот и по грегоријанскиот календар, затоа што првите две бројки се деливи со 4, додека 1700, 1800, 1900 не се престапни по грегоријанскиот бидејќи збирот на првите две бројки не е делив со 4. Поради тоа разликата помеѓу јулијанскиот и грегоријанскиот календар која во XVI век изнесувала 10 дена, во XX век се згилемила на 13 дена. По 2000 година разликата помеѓу грегоријанскиот и јулијанскиот календар ќе остане 13 дена, бидејќи 2000 година е престапна и по двата календари. Но, во 2100 година разликата меѓу јулијанскиот и грегоријанскиот календар ќе се зголеми на 14 дена.
Грегоријанскиот календар е поточен од јулијанскиот, но не и сосема најисправен. При неговото воведување е усвоено отстапувањето од јулијанскиот календар за 400 години да изнесува 3 дена, додека вистински тоа изнесува 3 дена, 2 часа и 53`. Значи дека три дена од календарот треба да се исфрлат не од 400 години, туку од 384 години. Грегоријанскиот календар допушти грешка во однос на тропската година, која во период од 3.330 години изнесува еден ден. Средната должина на грегоријанската година е 365 дена, 5 часа, 49` и 12″ и е поголема од тропската за 26`. Поради ова, по поминувањето на 3.330 години, вистинската пролетна рамноденица ќе падне по 20 март. Ова подразбира дека по 3.330 години, од грегоријанскиот календар треба да се исфрли еден ден. Но поместувањето на рамноденицата во грегоријанскиот календар е скоро безначајно и во практичниот живот може да се занемари, затоа што во текот на повеќе векови почетоците на годишните времиња ќе паѓаат на исти датуми. Поради тоа, точноста на грегоријанскиот календар, за секојдневниот живот, е сосема задоволителна, што овозможи постепено усвојување од скоро сите земји и денес може да се рече дека е универзален.
Извор: Милевски И. 2012. Земјата и вселената, универзитетски учебник, Скопје
Автор: д-р Ивица Милевски /