X
 25.12.2020 Образование

Студент победи во спор со 44 професори од Правниот факултет во Нови Сад

Одделението на Управниот суд во Нови Сад ја укина втората дисциплинска казна со која Стефан Карановиќ, студент на Правниот факултет, бил суспендиран на 36 месеци од студирање во таа установа.

Пријавата против Карановиќ ја потпишале 44 професори и асистенти на факултетот, а Управниот суд го вратил предметот на Правниот факултет на повторно одлучување.

Правниот факултет е обврзан на Карановиќ да му ги надомести трошоците за управниот спор, стои во пресудата.

- Фактот дека според процена на судот не само што е незаконски актот на деканот и комисијата туку и е неуредна пријавата која ја потпишале 44 професори и асистенти на Правниот факултет, не може да се објасни поинаку освен како тешка злоупотреба на службената должност и самовластие, кои се удар на основните вредности што ги гарантираат домашното и меѓународното право - истакна Карановиќ.

Тој додаде дека е подготвен да прифати „јавно извинување“ од оние што ја потпишале пријавата против него, но вели дека не станува збор само за лично ниво.

- Обвинителството и полицијата мора итно да се вклучат бидејќи таквото постапување е закана за секој граѓанин, студент, родител и го валка угледот на секој од нас - изјави студентот.

Тој најави дека ќе бара отштета од 150.000 евра.

Стефан Карановиќ бил суспендиран и исфрлен од факултетот на 36 месеци, а факултетот во повеќе наврати одбил да му издаде потврда за положени испити. Поради тоа, Карановиќ се запишал на Правен факултет во Босна и Херцеговина, каде што морал да ги почне студиите од почеток.

Карановиќ претходно истакна дека Правниот факултет го суспендирал поради сомнежи дека тој пишувал текстови кои го довеле факултетот во врска со криминал, а потоа донеле и одлука да не му издаваат уверение и исписница.



Претседателката на Хелсиншкиот одбор за човекови права во Србија, Соња Бисерко, кон крајот на минатата година во писмо до српскиот претседател Александар Вучиќ побара да му помогне на суспендираниот студент да добие исписница и уверение за положените испити и оцени дека однесувањето на факултетот е „несоодветно“. Истото писмо Бисерко го пратила и до премиерката Ана Брнабиќ и министерот за образование Младен Шарчевиќ.

Извор: danas.rs
Насловна фотографија: YouTube (printscreen)
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование