X
 22.05.2021 Технологија

Изградена првата куќа од коноп на Балканот

На фармата „Бела река“ во Србија се реализира пилот-проект за изградба на куќа од коноп. Од конопот може да се прават јажиња, пластика, чаеви и хартија, а очигледно и куќи.

Најсовремената иновација во еколошката изградба е комбинација од индустриски коноп, вар и вода. Ѕидовите од оваа смеса се нетоксични и се добри за лицата што имаат астма, бронхитис или алергии. Конопот е отпорен на мувла и влага, како и на глодачи и оган, функционира како топлинска изолација и штеди енергија.

Овој материјал го впива вишокот влага од воздухот, а ѕидовите имаат и добра звучна изолација. Ѕид од блок направен од коноп дебел само 20 сантиметри овозможува ниво на топлинска и акустична изолација далеку над стандардите.

Првата куќа од овој вид на Балканот е изградена на „Бела река“, а архитектите на проектот се Љубиша Арсиќ и Даниел Фукс. Изградбата почнала во 2017 година.

За куќата со површина од 260 квадратни метри е користен индустриски коноп како главен градежен материјал. Материјалот бил искористен како полнење на ѕидовите и изолација, а за изградбата биле искористени и други материјали, како челик, дрво и бетон.

Ваква куќа сега се гради и во Црна Гора, над населбата Порто Монтенегро.


Извор: gradnja.rs
Фото: Принтскрин/Youtube
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија