Што имаат заедничко рокенрол-ѕвездите Елвис Присли, Чак Бери и Литл Ричард? Тројцата биле под огромно влијание на Розета Тарп, позната и како кума, но и мајка на рокенролот.
Бери ја опишал неговата кариера како „една долга имитација на Розета Тарп“. Присли бил воодушевен од нејзиниот стил на свирење на гитара. Литл Ричард можеби не би станал ѕвезда доколку Тарп не го слушнела како пее на 14-годишна возраст и го поканила да настапува со неа.
Розета Тарп се занимавала со музика од мала, а својот талент ѝ го должи на мајка си, која свирела на мандолина. Тарп била во краток брак со свештеник, а потоа пристигнала во Њујорк каде што почнала да настапува во ноќни клубови. Многу христијани почнале да ја одбиваат нејзината нова музика, но таа сепак успеала во кариерата.
Малкумина знаат за неа бидејќи нејзиниот успех останал во сенка на оној на нејзините следбеници. Пред три години Розета Тарп се најде и во Рокенрол-салата на славните.
Автор: Ајин Халидеј
Извор:
openculture
Фото: Чарлс Питерсон, pbs.org