X
 05.11.2015 Култура

Музичкиот талент од ФИНКИ - Емилија Ѓорѓевска

Емилија Ѓорѓевска е студент на ФИНКИ, а поранешен финалист на „Македонски идол“. Додека се подготвува за колоквиуми и испити, Емилија пишува и снима музика. Нејзината втора песна штотуку излезе, а е наречена „Pouring rain“. Видеото погледнете го во продолжение, а под него следува и кратко интервју со Еми.



Се занимаваш со музика, а студираш на ФИНКИ. Необична комбинација. Од кога се занимаваш со музика?

- Мојот контакт со музиката го имам уште од дете. Завршив нижо музичко училиште каде посетував часови по пијано и солфеж. Во исто време, членував во тетовскиот градски детски хор “Лале”, а и во женскиот хор “Менада” водени од проф. д – р Ивица Зориќ. Сепак, посериозно на ова поле луѓето ме доживеаа кога учествував на популарното музичко шоу “Македонски Идол” кое се прикажуваше кај нас пред 4 години. На мое и општо изненадување, бев избрана да бидам дел од финалето во конкуренција од 2 - 3000 пријавени кандидати. Во тоа време имав 17 години и бев најмала од сите финалисти. Се пласирав на единаесеттото место, иако бев единствена меѓу кандидатите што немаше никакво искуство со микрофон и пеење ко индивидуалец претходно. Навистина сум среќна што тоа шоу ми овозможи да запознаам прекрасни луѓе. Со дел од нив се дружам и ден денес, а особено блиска ми е Јана Бурческа.

Би ја искористила оваа прилика уште еднаш да им се заблагодарам на судиите Игор Џамбазов, Калиопи Букле и Тони Михајловски што избраа да продолжам во финалето. Неверојатно е колку многу доживеав и научив во рок од една година: имав медиумско експонирање и работев со вистински професионалци кои беа ангажирани за тој проект. Сепак, најдраго од сѐ ми е тоа што моето прво искуство на сцена беше со бендот на Тоше Проески, The Blue Funk Individuals! Навистина не знам колку луѓе можат да кажат дека ја имале таа среќа првиот настап во животот да им биде со бендот на нивниот идол. Дури и ден денес тој факт ми изгледа некако нереално и си помислувам дека тоа не ми се случило тоа мене, туку на некој друг.


Тешко ли е да се постигне успех на две различни полиња (факултет и музика)? Како ти успева?

- Напорно е и воопшто не е едноставно. ФИНКИ има високи критериуми и тоа воопшто не би требало да изненади, бидејќи професорскиот кадар е фантастичен. Сите професори се високо стручни во своите области, имаат завршено во странство или работено на важни проекти на интернационално ниво. Откако сум на ФИНКИ, мојот фокус е на факултетот, а за реализирање на обврските околу него со консултирам со колегите. Она што најмногу ми се допаѓа во студирањето на технички факултет е што заради тежината на студиите се наметнува запознавање, дружење и работа со останатите. ФИНКИ ми овозможи да остварам и познанства со едни од најквалитетните студенти кај нас, би ги издвојала Петар Тонковиќ, Тина Раниќ, Горјан Јовановски, Филип Стојановски...

Сепак, најблиска сум и најдобро се познавам со Петар. Тој е најанонимен од сите кои ги набројав (инаку станува збор за студент со просек 10). Постојано и несебично ми помага при учењето. Да не е тој, сѐ би ми одело мнооогу потешко. Тој е еден и од ретките кој ме трпи кога сум вештерка и кој ги знае сите мои бисери :D


Имаш нова песна. Кој стои зад неа?

- “Pouring rain” е моја втора песна, после “Луда” (https://www.youtube.com/watch?v=9jrz1A_HLV8). За разлика од мојата прва песна, сега станува збор за авторско дело, бидејќи мелодијата и текстот ги напишав сама, а аранжманот е на Гоце Симоноски. Песната оригинално ја почнав пред 4 години, но во тој период ми се случија многу работи (воглавно лоши) и не успеав да ја завршам...Сега после толку време, почувствував дека е време да ја напишам и втората половина и да ја споделам со јавноста. Парче душа имам вложено во неа и се надевам дека ќе им се допадне на луѓето. Како и да е, без Гоце песната немаше да звучи онака како што звучи. Презадоволна сум од нашата соработка, тој е вистински професионалец. Дефинитивно би соработувала повторно со него во иднина. Огромна благодарност и до Соња од “Вкусности” (https://www.facebook.com/vkusnostimk/?fref=ts) која ни спреми одлично јадење додека бевме во процес на brainstorming и експериментиравме во студио.

Што се однесува до “Pouring rain”, досега коментарите се одлични. Се надевам дека така ќе биде и во иднина. Секако, тоа не значи дека очекувам да им се допадне на сите, зошто би било нереално - утопија.


Дали тоа е најава за нешто поголемо од тебе во иднина?

 – Секако дека имам амбиции и соништа на кои работам и би сакала да ми се исполнат, но рано е да коментира. Јас отсекогаш сум била човек кој не сака да се експонира во јавност, колку само за да го има по медиуми. Не сакам исфорсирани работи и сметам дека за да спинувате нешто медиумски, мора да понудите нешто конкретно, но и квалитетно. Затоа, само тогаш кога ќе мислам дека имам такво нешто, јавноста ќе биде информирана. Без оглед дали станува збор за музика или некаков софтвер на кој би работела, бидејќи тоа се очекува од мене како студент на информатички факултет. Не ми е во план да нафрлам работи за мене, само за да би го задржала медиумското внимание. Во меѓувреме, ќе продолжам да се трудам да бидам креативна. Најкреативна сум кога сум со пријателите или колегите (повторно поздрав до Петар), со кои дискутирам за различни теми. Размислуваме за подобрувања кои би сакале да ги има во општеството и какви решенија би понудиле ние. Како студент, би била пресреќна доколку успеам да креирам нешто кое ќе решава бар дел од проблемите на студентите.

Имаш ли порака до нашите читатели?

- На сите им посакувам да го одржуваат сопствениот креативен дух и секој деструктивен животен период да им биде инспирација за создавање на нешто убаво. Како “Pouring rain” во мојот случај. На студентите, пак, им порачувам да читаат fakulteti.mk и редовно да се информираат за сите бенефиции поврзани со студиите во Македонија и странство. Убав ден на сите. :)


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура