X
 31.03.2020 Наука

Нашиот мозок се синхронизира со мозокот на музичарите додека свират

Не е тешко да почувствувате поврзаност помеѓу музичарите, музиката што ја свират и публиката, на кој било концерт или свирка, но новите истражувања посочуваат дека оваа врска е поврзана со мозокот и дека мозочната активност на изведувачите и слушателите всушност се синхронизира.

Врз основа на овие нови докази, се чини дека популарноста на музиката е поврзана со тоа колку добро се синхронизираат мозочните обрасци, сугерирајќи дека ова е еден од начините на кои нашите умови ценат добра песна.

Додека претходните истражувања детално го разгледуваа начинот на кој реагира мозокот и ужива во музиката, многу помалку знаеме за нервната врска помеѓу изведувачите и публиката, нешто што ова истражување се обидува да го објасни.

- Публиката ги перципира намерите на изведувачот и покажува позитивни емоции поврзани со музичката изведба - пишуваат истражувачите.

muzika
Фото: Unsplash

Користејќи скенови од инфрацрвена спектроскопија за да го следат протокот на крв со помош на светлината, истражувачите го анализирале мозокот на професионален виолинист додека тој свирел клипови кратки 100 секунди. Истата техника била користена за да се следат 16 члена на публиката додека ги гледале клиповите.

Интермозочната кохерентност меѓу изведувачот и слушателот била конзистентна и значајна во сите тест-субјекти, при што истата зголемена активност се гледала во истите специфични делови на мозокот како што биле прикажувани клиповите.

Иако истражувањето не ги снимило детално мозочните бранови, откритијата би можеле да бидат интересни поттикнувања за идни истражувања, а тоа се поврзува со она што научниците претходно го откриле - музиката се поврзува со мозокот на длабок начин.

- Истражувањето го проширува нашето разбирање за музиката. Овие наоди посочуваат дека нервната синхронизација помеѓу публиката и изведувачот може да послужи како механизам за позитивен прием на музичките перформанси - велат истражувачите.

Истражувањето е објавено во списанието „Неуроимиџ“.

Извор: Science Alert
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука