X
 26.02.2021 Образование

МПЦ реагира на новиот концепт за основно образование, бара Етика во религиите да остане посебен предмет

Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија реагира на најавите за промена во концептот за основно образование и бара предметот Етика во религиите да остане во образовниот процес како посебен предмет, со кој на децата ќе им се овозможи образование и воспитание согласно нивните верски убедувања.

Владиците, членови на Синодот на МПЦ, реагираат на тоа зошто досега нема информација дали во новиот образовен концепт овој предмет ќе биде укинат или, пак, ќе се спои со некои од другите предмети.
За таа цел, МПЦ оценува дека никој нема право на децата да им наметнува воспитание и образование спротивно на верските убедувања на нивните родители.

- Во оваа пригода потсетуваме дека државата е должна да обезбеди воспитание и образование во согласност со верското убедување на родителите, што значи и дека никој нема право да наметнува воспитание и образование на децата спротивно на верското убедување на нивните родители. Во прилог на наведеното сметаме дека програмата на предметот Етика во религиите безусловно треба да најде соодветно место во новата концепција во текот на целото основно образование - пишува во соопштението на МПЦ-ОА.

На одржаниот состанок на владиците, членови на Синодот на МПЦ – ОА, биле дадени и забелешки во однос на новата концепција за основно образование, кои, како што посочуваат оттаму, ќе бидат навремено доставени до надлежните институции.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование