Кариерата како инфлуенсер веќе не е само желба на дел од корисниците на социјалните мрежи. Економијата на креаторите на содржини станува сериозна индустрија, а тоа го потврдува и фактот што универзитетите почнуваат да нудат формално образование за идните креатори на содржини.
Универзитетот „Аризона стејт“ ја воведе програмата „Креирање содржини“, со која студентите се подготвуваат за работа во областа на социјалните мрежи, дигиталниот маркетинг, развојот на брендови, продукцијата на видеа и поткасти и градењето публика. Програмата може да се следи онлајн или во кампусите во Феникс и Лос Анџелес.
Меѓутоа, идните инфлуенсери треба да издвојат сериозна сума за оваа диплома.
Според податоците што ги објави „Форчн“, основниот трошок за студирање за студенти од други сојузни држави во кампусот во Лос Анџелес изнесува околу 25.000 долари годишно, додека во Феникс годишниот основен трошок е околу 35.715 долари. За четири години, тоа во Феникс изнесува приближно 142.860 долари, без трошоците за сместување и живот.
Што се изучува на програмата „Креирање содржини“?
Колку и да им звучи на некои несериозно, програмата не е замислена како курс за снимање тик-ток видеа. Студентите учат како да планираат содржини, да создаваат видеа и поткасти, да развиваат личен бренд и да користат податоци за анализа на публиката. Програмата вклучува и практично искуство, проекти со брендови, практикантска работа во медиуми и продукција на содржини.
Од „Аризона стејт“ наведуваат дека дипломираните студенти би требало да бидат оспособени за различни работни места, од стратегија за креирање содржини и управување со социјалните мрежи до развој на брендови и дигитално влијание.
Со други зборови, целта не е само некој да стане познат на интернет, туку да научи како да создаде кариера и деловен модел од содржините.
Зад трендот стојат сериозни пари
Интересот за ваков начин на градење кариера не е мал. Според едно истражување, 57 отсто од припадниците на генерацијата З рекле дека би станале инфлуенсери доколку им се укаже можност. Истото би го избрале и 41 отсто од возрасните испитаници.
Околу 53 отсто од испитаниците од генерацијата З сметаат дека инфлуенсерството е легитимна кариера, а приближно ист процент би ја напуштиле сегашната работа доколку од креирање содржини би можеле да заработуваат доволно за својот животен стил.
Уште поинтересен е податокот дека 30 отсто од припадниците на генерацијата З би биле подготвени и да платат за да добијат можност да станат инфлуенсери.
Сепак, зад овој тренд стојат и сериозни пари.
„Голдман Сакс“ проценува дека економијата на креаторите на содржини вреди околу 250 милијарди долари, со проекција нејзината вкупна потенцијална вредност да достигне 480 милијарди долари до 2027 година. Растот го поттикнуваат социјалните мрежи, сè поголемата потрошувачка на дигитални содржини и технологиите што овозможија речиси секој да може да создава и да дистрибуира содржини.
Тоа објаснува и зошто образовните институции сè повеќе се вклучуваат во оваа област. Ако постои индустрија која создава милијарди долари и привлекува голем број млади луѓе, логично е околу неа да се развива и пазар на образование.
Извор:
Nova.rs
Фото: Unsplash