Научниците со години шпекулираа дека привлечните луѓе имаат подобар имунолошки систем.
Едно ново истражување објавено во „Просидингс оф д ројал сосајити би“ ја потврди оваа хипотеза, но откри дека таа врска е сложена. Авторите на студијата заклучуваат дека врската помеѓу привлечноста на лицето и функцијата на имунитетот веројатно постои, но ќе бидат потребни повеќе истражувања за да се утврди колку е силна.
Студијата го покренува прашањето зошто една личност се оценува како попривлечна од другите? Иако одговорот е несомнено сложен и вклучува карактеристики како што се возраста, полот, културата и специфичните вкусови на набљудувачот, теоријата за избор на партнер посочува дека перцепциите за привлечноста треба да ја одразуваат предноста на особини историски поврзани со квалитетите на една личност, вклучително и здравјето и имунолошката функција.
Идејата дека привлечноста може да даде знаци за здравјето и функционирањето на имунолошкиот систем е интуитивно привлечна и поради силните притисоци за селекција што патогените и паразитите историски ги наметнуваат на луѓето. На пример, заразните болести биле водечка причина за смрт низ историјата на човештвото, а веќе во средината на 19 век тие биле одговорни за околу 60 отсто од сите смртни случаи во Англија.
На пример, некои студии покажале дека привлечноста на лицето е позитивно поврзана со долговечноста, а негативно со пријавениот број на настинки во претходната година кај жените, додека кај мажите е позитивно поврзана со кардиоваскуларното здравје.
Фото: Freepik
Нè привлекува симетријата
Привлечноста на лицето многу години ги интересира истражувачите од општествените и биолошките науки. Прегледот на постојната литература открива дека стандардите за убавина, иако има одредени отстапувања, главно се конзистентни во времето и просторот. Истражувањата покажуваат дека во текот на запишаната човечка историја, карактеристиките како чиста кожа, истакнати јаболчници, светли очи и полни, црвени усни генерално се сметале за привлечни. Тие, исто така, откриваат постојана предност за симетрични и просечни лица. Иако некои тврдат дека стандардите за убавина се првенствено производ на западните медиуми, студиите покажуваат дека тие стандарди ги надминуваат старосните и културните граници, појавувајќи се кај доенчињата, како и кај оние што живеат во општества со мала изложеност на западните медиуми, се вели во воведот.
Интересно е тоа што многубројните студии за привлечноста на човечкото лице покажале дека најпривлечни се оние што математички се најблиску до просекот. Овде е важно да се истакне дека просечноста не се однесува на просечна убавина во смисла дека најпривлечно е лицето кое не е ниту особено убаво ниту особено грдо, туку на просечните црти на лицето. На пример, кога мноштво фотографии од лицата на луѓето се вметнуваат во компјутер и програмата ќе најде просек од сите својства на тие записи, тој просек ќе биде најпривлечен за повеќето луѓе. Со други зборови, луѓето генерално сакаат помалку луѓе чии карактеристики значително отстапуваат од просекот.
Овој просек вклучува голем број фактори, како што се големината на деловите на лицето и нивниот распоред.
Што откри новото истражување?
Истражувањето опфатило 159 млади возрасни лица чија привлечност на фотографиите во онлајн анкетите ја оцениле 492 луѓе. По фотографирањето на лицата на учесниците, секој поединец бил подложен на низа тестови за процена на состојбата на имунолошкиот систем, нивото на воспаление во телото и самопроцена на сопственото здравје. Анализата на собраните податоци откри дека луѓето чии лица се оценети како привлечни имале релативно подобра имунолошка функција, особено во однос на имунитетот на бактерии.
Убавината повеќе зборува за добрите гени отколку за сегашното здравје
Интересно, немало поврзаност меѓу бројот на моментални воспаленија во телото и привлечноста, што би можело да сугерира дека привлечноста на лицето е подобар показател за добро функционален имунолошки систем.
Резултатите покажуваат дека привлечноста на лицето може да биде поврзана со имунолошки фактори кои можат да се пренесат во гените.
Но, тоа не значи дека не постојат културни фактори кои исто така влијаат врз перцепцијата на убавината на поединецот.
Резултатите се помалку очигледни денес поради модерната медицина
Авторите истакнуваат дека е можно врските меѓу привлечноста и здравјето кај современите луѓе да бидат нејасни бидејќи човечките преференции за партнери се развиле пред појавата на модерната медицина.
- Со други зборови, иако привлечноста можеби била поврзана и со здравјето и со имунолошката функција кај популациите на предците, здравствените врски можеби повеќе не се јасни бидејќи модерната медицина им дозволува на луѓето со ниска имунокомпетентност да останат во релативно добро здравје - објаснуваат авторите.
Извор:
Wionews.com
Фото: Freepik