Исто како луѓето, и мравките се социјални. Членовите на колонијата се грижат за болните спроведувајќи колективни хигиенски мерки. Ова ги става патогените организми пред тешка задача. Мора да го заобиколат имунитетот на поединецот мравка, но и да ги избегнуваат здравствените мерки и колективниот имунитет на колонијата.
Една нова студија објавена во списанието „Нејчр еколоџи & еволушн“ открива дека патогените организми развиваат лукав начин да ги избегнат одбранбените системи на колонијата мравки.
Истражувањето било спроведено од мултидисциплинарен тим на научници од Институтот за наука и технологија во Австрија, Универзитетот во Вирцбург во Германија, под раководство на професор д-р Силви Кремер од Институтот за наука и технологија во Австрија, додека први автори на трудот се Руѓер Боѓковиќ и Барбара Милутиновиќ.
Резултатите до кои дошле научниците во ова истражување укажуваат дека однесувањето на домаќинот во борбата против болеста, односно некаква колективна интервенција, силно влијае врз епидемиологијата на патогенот. Значи, би можеле многу да научиме од мравките.
Мравките живеат и работат во колонии. Тие се тимски играчи и ако има проблем во мравјалникот, сите заедно ќе работат најдобро што можат за да го решат, без разлика дали се работи за грижа за безбедноста, храната или здравјето на колонијата. Тие имаат способност ефикасно да детектираат патогени и да реагираат со нивно отстранување од колонијата пред да можат да предизвикаат инфекција. Исто така, здравите мравки ја чистат колонијата од мртви мравки, ги отстрануваат и дезинфицираат правилно и на тој начин го спречуваат ширењето на инфекцијата во колонијата.
- Меѓутоа, нашето истражување покажува дека патогените микроорганизми можат да се приспособат на хигиенските мерки што ги спроведуваат мравките во нивните колонии и на тој начин подобро се шират кај популацијата - објаснува д-р Барбара Милутиновиќ.
Тимот работел на мравки кои покажуваат грижа и заштита на членовите на групата од болести. Научниците набљудувале како предизвикувачките агенси на болестите, во овој случај патогените габи, се приспособуваат на оваа колективна одбрана. Научниците откриле дека габите што ги заразиле мравките во групата, во споредба со оние што ги заразиле изолираните мравки, ја промениле нивната стратегија за инфекција.
- Поточно, го намалија степенот на вирулентност, што значи дека се намалил бројот на мравки кои успешно ги заразиле, но во голема мера го зголемиле производството за понатамошно пренесување - објаснува д-р Милутиновиќ.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik