X
 26.03.2020 Наша тема

Проф. д-р Горан Јанев, антрополог: Модерниот човек не е подготвен за вакви кризи - ќе ги преживее, но нема да еволуира

Од вирусов се криеме, но како ќе им побегнеме на жедта и на гладот - вели д-р Горан Јанев, професор по социјална антропологија на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје

- Пандемијата на Ковид-19 ќе овозможи да се осознае отпорноста на капитализмот да се справи со опасност која изискува радикално пренасочување на живиот капитал од приватно кон јавно добро. Лимитираните ресурси со кои сега располагаме и во најразвиените и во најбогатите општества се покажуваат како недоволни. Тоа го отвора прашањето и за тоа колку државите оставаат создадениот вишок капитал да остане во рацете на приватниците, а не да се пренасочи кон јакнење на јавното здравство и други безбедносни и резервни општествени потреби - вели за Факултети.мк д-р Горан Јанев, професор по социјална антропологија на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Со него разговараме за тоа како во модерното, технолошки најразвиено време се случи вирусот да го стави во карантин целиот свет.

Горан Јанев / Фото: МИА

Ниту трета светска војна ниту планетарна борба за нафта или вода. Mикроскопски вирус е опасноста која во современото време може да го преполови човештвото. Зошто модерниот човек не беше спремен за Ковид-19?

- Модерниот човек сè уште се нема развиено до фаза по која би се разликувал многу од предмодерниот човек на ниво за свест за функционирање во високо комплексна заедница. Класификацијата на човештвото како модерно или предмодерно не е некаква социолошка или антрополошка категорија, туку повеќе идеолошка, измислена во време на колонијалистичката експанзија, за да ја оправда. Од позиција на бела супериорност, концепцијата за модерниот човек ги понижува поробените народи како примитивни за да се оправда нивната експлоатација. Подоцна се развиваат проучувањата на добрите и лошите страни на модерноста во „развиените“ општества. Поточно последиците од зголемената густина на населбите, појавата на големи и чудовишно големи градови, забрзаноста на движењето на луѓе, стоки, услуги и капитал.

Ова е важно да се каже затоа што идеолошки се постулира и битката со сериозната пандемија денес во дадените услови на глобална нерамноправност и внатрешна нерамноправност во капиталистичките општества. Модерниот човек е дефиниран и детерминиран од развитокот на капитализмот, а пандемијава ќе овозможи да се осознае отпорноста на капитализмот да се справи со опасност која изискува радикално пренасочување на живиот капитал од приватно кон јавно добро. Лимитираните ресурси со кои сега располагаме и во најразвиените и во најбогатите општества се покажуваат како недоволни. Тоа го отвора прашањето и за тоа колку државите оставаат создадениот вишок капитал да остане во рацете на приватниците, а не да се пренасочи кон јакнење на јавното здравство и други безбедносни и резервни општествени потреби. Дека ќе се преполови човештвото од Ковид-19 е нереално висока претпоставка, но стапката на смртност и брзината на ширење на вирусот се секако застрашувачки.

Фото: Wikimedia Commons

Најефикасната мерка е да се спречи ширењето на вирусот, а за тоа е неопходно да се изолираме и оддалечиме, да се закотвиме и смириме, а со тоа ги нарушуваме сите стопански и општествени движења. Одговорот пред заканата мора да биде базиран на препознавање на јавното добро, на општиот интерес, на интересот на заедницата, до каде се нејзините граници, но како огромно прашање се исправува заштитата на приватниот капитал во такви услови? Која е државата, каде е државата, што е државата? Се поставува прашањето за тоа како ја дефинирате заедницата, дали механички, според територијална припадност, по случајност на раѓање, или се заснова на споделени вредности и интереси. Понатаму, со кои, чии средства располага државата? Како ќе се надомести штетата? Ако државата им дава субвенции на бизнисите за да преживеат, тогаш тие мора да ги задржат вработените, или не? Со други зборови, како е распореден товарот на справување со големи здравствени и безбедносни кризи, дали се работи за индивидуализиран ризик или за поопштествено преземање на ризикот? Неолиберализмот не е подготвен да се справи со Ковид-19, а не пак модерниот човек. Цивилизациски не сме напреднати за да се справуваме со оваа криза, како ни со еколошката криза што ние ја предизвикуваме заради профит итн. Од вирусов се криеме, но како ќе им побегнеме на жедта и на гладот?

Италија се искачи на врвот по бројот на жртви од коронавирусот, а не Кина каде што се појави заразната болест и веќе е ставена под контрола. Каква улога игра културата на едно општество во вакви вонредни ситуации?

- Па не би рекол дека е во прашање само разлика во култура, што и да е тоа, колку што е разлика во општествениот поредок. Секако, едното на другото силно си влијаат. Кина не е уредена како плурална демократија и е несомнено авторитарен систем, така што спроведувањето стриктни контроли врз движењето на населението, неопходно за намалување контакт и спречување на ширењето на вирусот, беше беспоговорно спроведено, додека во Италија, Шпанија, Швајцарија, Австрија, па и во Германија се одвива со поголеми тешкотии поради недостиг на дисциплина во однос на препораките/наредбите од државниот врв.

Од друга страна, централизираното носење одлуки ја обезбедува нивната брза реализација, каков што беше примерот со градење огромни болнички комплекси за неколку дена. За тоа треба да имате слободни ресурси, покрај политичка моќ, за да ги спроведете набрзина таквите скапи мерки. Споредуваме два система, капиталистички и демократски, наспроти хибриден социјалистичко-капиталистички, и делумно демократизиран, осовремен тоталитарен режим. Битната разлика не е само во степенот на демократско одлучување, туку и каде стојат, како се регулирани, колкави се и како може да се располага со заедничките ресурси. Тука е една од предностите што ги поседува Кина кога ја правиме споредбата со западноевропските држави.


Како ја објаснувате задоцнетата реакција на Европејците и како овие „безбедни“ општества во Европа преку ноќ станаа епицентар на ширењето на коронавирусот?

- Па задоцнетоста е, пред сè, поради стравот од колабирање на економскиот систем, а не поради несериозниот пристап на граѓаните. Ајде обезбедете плати за милиони луѓе што мораат да седат дома и не можат да работат при закочено производство? Погледнете ги само двете типични неолиберални економии, Велика Британија и САД, од каде што под водство на Реган и Тачер тргна пресвртот во развојот на капитализмот кон посуров, поегоистичен општествен поредок и напуштањето на идејата за социјална држава и како тие реагираат.


Фото: Pixabay

Конзервативците во Британија повеќе од една деценија се трудат да го уништат јавното здравство во таа земја, конзервативците во Америка се грозат од идејата да имаат јавно здравство и двете речиси не спроведуваат тестови, не преземаат постриктни контроли, прифаќаат дека вирусот ќе се шири и дека луѓе ќе умираат, само бизнисите да не пропаднат!?

Од друга страна, Македонија веќе еден месец добро се справува со новонастанатата ситуација. Многумина велат дека побезбедно се чувствуваат во Македонија отколку во Германија. Како го објаснувате ова?

- Мислам дека засега добро се држиме во развлекувањето на бројот на заболени, ама нема уште многу долго да биде така. Кога ќе нарасне бројката на илјадници случаи, тогаш нашето осакатено и децениски запоставувано јавно здравство ќе биде ставено пред својот најголем предизвик. Нашите лимитирани ресурси не ќе можат да се развлекуваат до недоглед и ќе бидат потребни порадикални мерки. Во Шпанија ги подржавија, времено, приватните болници. Да се надеваме дека кај нас тоа би било доволно, ама не можеме да знаеме. Да се надеваме дека нашите институции ќе продолжат релативно добро да се справуваат со кризава.


Фото: Борче Поповски

Нам многу поголем удар ќе ни биде економскиот колапс. И онака кревката економија, криво насадена, тешко ќе го преброди овој удар. Едвај достасавме до некакво ниво на донекаде стабилизиран меркантилен капитализам, едвај се стави делумно во функција нешто од коруптивно стекнатиот капитал во производство, ова ќе го земе здивот на многу процеси. Резервите со кои располагаме се скудни, нам ни е срам да оданочиме богати, ние сме неразвиено стопанство и нам ќе ни биде многу тешко, многу потешко отколку на поразвиените економии.

Заразата допрва ќе се шири во САД, се појавија случаи во Африка. Пред каков предизвик е човештвото?

- Ова е уште една пресвртница, неочекувана и ненајавена, која ги забрзува историските процеси. Ако последниот половина век се наметнува неолиберализмот и тоа наидува на слаб отпор, Путинова Русија не е некаква идеолошка алтернатива на Трампова Америка, прашањето е каде ќе води оваа акцелерација? Ако е навистина апокалиптична глетката, по смирувањето на кризата можеби ќе се разгледа посериозно идејата за јавно добро, за рес публика, и идејата за основите на заедницата и солидарноста.

Фото: Pixabay

Но можеби и обратно, можеби токму полошиот исход, наспроти евидентната некомпатибилност на капитализмот со заедничкиот и здружниот јавен интерес, ќе доведе кон зајакната полициска држава, кон засилена националистичка пропаганда проследена со авторитаризам, со намалени слободи и права, со зголемена индивидуализација на ризикот, бидејќи тоа е суштината на современото општествено уредување. Конечно да ви го одговорам првото прашање, модерниот човек, ваков каков што е, во системот во кој живурка, не е подготвен да се справи со вакви кризи. Ќе ги преживее, но стравувам дека нема да се видоизмени и да еволуира.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема