X
 26.10.2023 Здравје

Научниците откриле нови вируси кај глодачите - некои предизвикуваат рак

Кинеските научници спроведоа опсежно истражување на повеќе глодачи на тропскиот остров Хаинан, во близина на јужниот брег на Кина. Меѓу речиси 700 примероци, тие открија дури осум досега неоткриени патогени кои се шират меѓу глодачите и имаат способност да заразат луѓе.

Во истражувањето се наведува дека биле собрани вкупно 682 брисеви од различни глодачи фатени на тој остров во периодот од 2017 до 2021 година. Научниците ги категоризираа примероците според видот и локацијата на глодачите и ги испратија на тестирање. Лабораториската анализа откри голем број нови вируси, вклучително и еден од семејството на коронавирус, кое го вклучува и оној што предизвикува ковид-19.

Дополнително, откриени се два нови пестивируси поврзани со жолта и денга треска, нов астровирус кој предизвикува стомачни проблеми, два нови парвовируси кои можат да предизвикаат симптоми слични на грип и два нови папиломавируси кои можат да предизвикаат рак кај луѓето.

Кинеските научници истакнуваат дека откритијата на новите пестивируси и парвовируси се многу интересни бидејќи се откриени кај два вида стаорци, за кои претходно не се знаело дека ги пренесуваат овие типови патогени.

Научниците истакнуваат дека новооткриените вируси ги прошируваат научните сознанија за класификацијата на вирусите и покажуваат дека има вируси кои сè уште не се откриени, а кои независно еволуирале во уникатни домаќини во недостапни области. А таков е островот Хаинан, кој поради својата местоположба е изолиран од континентална Кина, но е дом на дури 9 милиони луѓе.

Научниците предупредуваат дека присуството на овие вируси во природата може да биде потенцијален ризик за луѓето, особено ако тие се префрлаат од животинскиот домаќин на човекот.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје