Нема нови случаи на лица позитивни на коронавирус во земјава. Во моментов се чекаат резултати од тестирање на едно лице кое на 22 февруари се вратило од Италија во Струмица. Поради покачена температура, тој се јавил во соодветна здравствена установа каде што му се направени тестови за присуство на коронавирус, соопшти утрово на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој информира и дека се размислува за ограничување на јавни собири, за што денеска на седница ќе расправа Владата и ќе донесе одлука.
- Нашиот предлог е да се забранат сите јавни собири каде што би имало голем број граѓани, без разлика дали се во затворен или отворен простор. Сметам дека треба да се откажат сите големи јавни собири, вклучително и спортските натпревари - рече Филипче и додаде дека предлогот е забраната да важи една недела и потоа доколку има потреба, да се одлучи дали ќе биде продолжена.
Засега единствен случај на лице заразено со коронавирусот останува веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје, која со комбе допатува од Милано.
Пациентката, рече Филипче, се чувствува добро, и според лекарите, веќе влегува во фаза на оздравување.
Министерот информира дека 12 лица, од кои две деца, што биле во контакт со оваа пациентка сè уште се во домашна изолација.
Останува во сила препораката компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени што периодов биле во Италија да доаѓаат на работа зашто тие прво мора да поминат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот, како и препораката да не се патува во земјите каде што има епидемија, без некоја поголема потреба.
Коронавирусот првпат се појави во Вухан, Кина, на 12 декември 2019 година. По брзото ширење на болеста, големиот број жртви и заразени, Светската здравствена организација (СЗО) на 30 јануари прогласи „меѓународна вонредна состојба“.
Болеста се пренесува преку респираторните патишта (кивање и кашлање), но и преку допир со нечисти раце. Лекувањето е симптоматско, во зависност од манифестациите на болеста. Клиничката слика варира од лесна настинка до потешка форма, во зависност од зафаќањето на белите дробови. Ризик за најлош исход има кај постари, хронично болни луѓе или лица со претходни заболувања на белите дробови. Околу 80 проценти од 80.000 заболени во светот се целосно излекувани, кај 15 отсто има некои компликации, а кај 5 проценти има сериозни компликации. Смртноста е близу 2 процента.
Извор: МИА