Соочен со катастрофалните застои во својот најамбициозен проект – масовно производство на електричниот автомобил „модел 3“, Илон Маск пред извесно време изјави: „Автоматизацијата на работната сила не е единствениот одговор; луѓето неправедно се потценуваат“. Оваа изјава не е соодветна за човекот кој се смета за еден од водечките технолошки и бизнис-лидери и човекот кој неоспорно длабински ги промени финансиската, автомобилската и вселенската индустрија.
Заложбата на Маск за побавна роботизација сепак треба да се перципира во поширок контекст. Тоа примарно се однесува на производството на тесловиот „модел 3“ – автомобил кој ги проби сите рокови и доцни на пазарот со месеци. Според извештаите од „Тесла“, дел од проблемот бил непрецизно подготвената автоматизација на погоните, која доведувала до чести дефекти и застои. Но, Маск е прочуен паничар и скептик кога се работи за вештачката интелигенција
Во истата недела беше објавена и веста дека „Амазон“, моментално најпрофитабилниот од сите американски технолошки џинови, во тајност развива куќен робот, уред што се движи, слуша директиви и извршува едноставни команди, помагајќи во куќните работи.
Илон Маск со години предупредува на потенцијално катастрофалните последици од развојот на вештачката интелигенција. И тој не е единствениот; Бил Гејтс во неколку настапи исто така предупредувал на овие проблеми, а во февруари годинава дваесет и шест научници од „Кембриџ“, „Оксфорд“ и од други важни институции објавија научен труд за опасностите од ВИ.
Генерално, нивните аргументи се дека вештачката интелигенција не мора да биде малициозна за да биде опасна. Маск на оваа тема истакнал: „Ако на ВИ, на пример, ѝ кажеме дека сакаме планета без загадување, таа може да донесе заклучок дека најбрзиот пат до тоа би бил да ја исчисти планетата од човекот. Така напреднатата вештачка интелигенција би била експоненцијално помоќна од човечката и едноставно сите основни задачи би ги извршувала неколку илјади пати побрзо од нас, смета тој.
„Вештачката интелигенција е далеку поопасна од нуклеарните бомби, многу поопасна. Нашиот фокус мора да биде на безбеден развој на ВИ затоа што нерегулираниот развој би можел да доведе до катастрофа“, изјави Маск. Слично мисли и легендарниот основач на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, кој смета дека спојот на брзината на мислење и хипервисок коефициент на интелигенција би можел да биде катастрофален доколку не се ограничи навреме.
Маск и Гејтс за ова најчесто го користат примерот со интелигенцијата на „Гугл“ наречена „Алфа гоу“, создадена за потребите на древната кинеска игра што личи на шах, но е многу покомплицирана и потешка за играње. Иако се сметало дека компјутерите не би можеле да ја совладаат оваа игра барем уште дваесет години, односно дека немаат шанса против професионалните играчи, „Алфа гоу“ буквално ги демолира најдобрите играчи на светот.
Фото: Freepik
Притоа особено загрижува тоа што „Алфа гоу“ со неочекувана брзина усвојува нови стратегии, проучувајќи ги потезите на своите противници и приспособувајќи се многу побрзо во споредба со човечкиот мозок. Патем, „Алфа гоу“ измислувала сосема нови, на прв поглед лудо ризични тактики кои играчите досега не ги користеле, што експертите го протолкувале како целосен недостиг на емоции, како стравот, на пример.
Поразите на професионалните играчи на оваа древна игра биле толку длабоки и уверливи, што по завршувањето на играта изјавувале дека „Алфа гоу“ им отворал сосема непознати видици и идеи. За само неколку години вештачката интелигенција на „Гугл“ ја совлада и ја промени древната човечка игра за која се сметало дека е извонредно тешка за совладување. „Сфаќате ли сега зошто мораме да бидеме загрижени?“ прашува Маск. „Брзината на развојот на ВИ е просто неверојатна.“
Јасно е дека „Алфа гоу“ не ги поседува когнитивните капацитети на роботите од серијата „Вестворлд“, но таа означи еден исклучително важен чекор во развојот на вештачката интелигенција што се темелеше на таканареченото машинско учење, што овозможи пронаоѓање на нови одговори на стари проблеми, кои на човечкиот ум не му паѓале на памет.
Во ерата на машинското учење работите се помалку примитивни и помалку буквални. Наместо точно зададени алгоритми за секоја активност и ситуација, компјутерот би можел самиот да измислува нови, непрограмирани начини за решавање на проблемите.
Се претпоставува дека првите верзии на роботите на „Амазон“ преку интернет ќе бидат поврзани со „Алекс“, гласовниот асистент на „Амазон“, кој дава привид на вештачка интелигенција, а всушност не смислува нови одговори на вашите прашања, туку пребарува во својата огромна база, обидувајќи се да ја избере најмалку лошата можност. Но, исто така се знае дека „Амазон“ ќе работи и ќе го надградува својот производ, како и дека „Гугл“, „Епл“ и другите компании ќе понудат сопствени верзии на паметни роботи и компјутери.
И токму тоа е она на што предупредува Маск – на можноста од експоненцијален развој во компјутерската индустрија што во еден момент на невнимание или наивност би можел да произведе исклучително силна
интелигенција што не ќе може да се контролира. Во неодамнешниот експеримент два компјутери во неколку часа, без наредба, измислиле сопствен јазик кој авторите не можеле да го препознаат. И тоа не го направиле со намера да ја скријат содржината на својата комуникација, туку за да ја забрзаат – но импликациите од таквата одлука се потенцијално проблематични.
Фото: Freepik