Во организација на Пивара Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија и компанијата Пакомак, годинава повторно се исчистени патеките и бреговите од двете страни на реката Вардар во централното градско подрачје на Скопје. Целта на оваа најнова еко-акција, во која на волонтерска основа учествуваа вработените во Пивара Скопје, беше да се собере целокупниот сув отпад на двете страни од кејот на Вардар, кој понатаму ќе биде соодветно рециклиран.
Кон новата еко-акција, која годинава се одвиваше под мотото “Clean Up, Tweet Up”, се приклучија и Британскиот амабасадор Чарлс Герет, како и Амбасадорот на САД Џес Л. Бејли со нивните тимови. Благодарение на комуникацијата преку социјалната мрежа Twitter, во акцијата имаа можност да се вклучат и граѓаните.
„Заштитата и унапредувањето на животната средина е меѓу најзначајните области на кои сме посветени како компанија, но и како поединци кои на волонтерска основа одвојуваат дел од своето работно време за да дадат свој придонес во успехот на ваквите еко-акции“, изјави Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје. „Пивара Скопје, како еден од основачите на Пакомак, континуирано вложува сериозни финансиски средства со кои се обезбедува ефикасно функционирање на системот за управување со отпадот од пакување. Како компанија постојано работиме на остварување и надминување на нашите, но и на националните еколошки таргети за собирање и рециклирање на амбалажниот отпад. Истовремено, преку ваквите еко-акции сакаме да упратиме порака и апел кон останатите компании и целото општество дека сите треба да го преземат својот дел од одговорноста и повеќе да се ангажираат во решавањето на проблемот со загадувањето, со што ќе создадеме одржлива иднина за нас и за следните генерации“, нагласи Патче.
Ова е трета по ред волонтерска еко-акција што ја организираат Пивара Скопје, Пакомак и Амбасадата на Холандија. Во претходните две акции беа исчистени брегот и водите на езерото Матка, како и кејот на реката Вардар, на кој и годинава се собираше целокупниот сув отпад. Годинешната акција е воедно и дел од активностите за одбележување на „Денот на Кралот“ – националниот празник на Холандија.
„Се радувам што оваа година имавме можност да го одбележиме нашиот голем национален празник и со ваква акција. Го споивме убавото со корисното и уште еднаш се обидовме да го дадеме својот придонес за намалување на загадувањето кое е голем проблем за луѓето и за природата. Единствен ефикасен начин за трајно надминување на овој проблем е повеќе работа, посветеност и соработка меѓу јавниот сектор, компаниите и граѓаните. Со нашиот денешен ангажман сакаме да покажеме дека секој од нас може да даде личен пример за другите и да го поттикне решавањето на кој било проблем“, истакна Амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп.
Целокупната логистичка поддршка за соодветен транспорт, селектирање и рециклирање на собраниот отпад ја обезбеди Пакомак - специјализирана компанија чија основна дејност е управување со отпад од пакување заради минимизирање на несаканите ефекти од него врз животната средина.
„Седма година по ред Пакомак, со редовната поддршка и финансиите што ги добиваме од нашите компании основачи и останатите членки на системот, успеваме да ги надминеме годишните национални еколошки цели кои ни ги одредува државата за собирање и правилен третман на отпадот од пакување. Но, постојат субјекти кои пуштаат отпад на пазарот, а не учествуваат во финансирањето на системите за негово собирање и рециклирање, ниту ѝ плаќаат на државата за тоа, со што директно го оштетуваат буџетот и животната средина. Тоа е јасен показател каде треба да се бараат решенијата. Товарот и одговорноста за решавање на проблемите мора да го понесат сите“, изјави Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.
Сведување на минимум на влијанието врз животната средина е стратешка цел на Пивара Скопје. Следејќи го глобалното лидерство на групацијата Coca-Cola HBC во доменот на одржливиот развој, како и практиките за одржливост на HEINEKEN, Пивара Скопје континуирано вложува во оваа област и спроведува конкретни активности со кои придонесува за почиста животна средина. Тие активности се насочени кон правилно управување со отпадот од амбалажа, како и намалување на потрошувачката на енергија и заштеда на вода. Како еден од основачите на Пакомак, Пивара Скопје постојано вложува и во ефикасноста на системот за собирање и рециклирање на целокупниот отпад од пакување во земјата.
За своите досегашни заложби за одржливост и евидентните резултати во заштита на животната средина, Пивара Скопје, заедно со останатите членки на Coca-Cola HBC групацијата, четири години последователно е рангирана на првото место во индустријата за пијалаци во светот, според престижното глобално рангирање кое го прави „Дау Џонс индекси за одржливост“.
За повеќе информации посетете ја интернет страницата ПОЛНА ЧАША на
www.polnacasa.mk