Универзитетот „Харвард“ оваа недела се наоѓа во центарот на јавна дебата за распределба на државната финансиска помош на универзитетите во САД.
Како и поголемиот дел од високообразовните институции во САД, за „Харвард“ била издвоена финансиска помош од специјалниот фонд за итна помош на високото образование за време на пандемијата. Од универзитетот велат дека не ја побарале финансиската помош, ниту ја добиле.
Фото: Статуа на Џон Харвард/Pixabay
Дебатата почна неделава кога претседателот на САД, Доналд Трамп, го споменал Универзитетот „Харвард“ на прес-конференција. Тој изјавил дека Универзитетот прифатил околу 8,6 милиони долари финансиска помош преку друга програма за финансиска помош наменета за задржување на вработените во компаниите.
Без разлика на изворот на финансиите што универзитетот никогаш не ги добил, министерката за образование Бетси Девос изјавила дека богатите институции на кои не студираат значаен број студенти што им припаѓаат на пониските класи не заслужуваат да добијат финансиска помош од државата.
Фото: Pixabay
По изјавата на Девос, од „Харвард“ изјавиле дека нема да ги бараат или прифатат парите преку програмите што се споменуваат, иако се соочуваат со финансиски предизвици
поради пандемијата и економската криза. Со слични изјави излегоа и други приватни универзитети кои одлучиле да не примат државна помош преку програмите за финансиска помош. „Принстон“ и „Јејл“ се некои од универзитетите што изјавиле дека не побарале финансиска помош и не би ја примиле. Од „Стенфорд“ изјавиле дека побарале поништување на својата апликација за финансиска помош.
Овие четири универзитети што ја одбиле државната финансиска помош најчесто се наоѓаат на врвот на ранг-листите со универзитети со најголем буџет во САД.
Универзитетите што ќе ја примат финансиската помош треба да издвојат најмалку 50% од добиената сума за да им помогнат на студентите во покривањето на нивните трошоци.
Автор: Колин Двајер
Извор:
npr.org