X
 26.04.2023 Живот

Дали децата во Југославија се делеле според богатството на нивните родители?

Во соработка со „Југопапир“, хрватската веб-страница „Индекс.хр“ пренесува текст од 1984 година во кој се опишани резултатите од истражување спроведено во основните училишта во Југославија. Целта на истражувањето била да се открие дали постојат поделби меѓу децата и дали учениците се поделени според богатството на нивните родители.

Во рубриката „Отворени разговори“ се пренесени резултатите од анкетата спроведена на 416 ученици и 17 наставници од основните училишта.

Уредникот на оваа рубрика и колегите од новинарскиот оддел од „ШУО Белградски баталјон“ посетиле 27 основни училишта.

- По спроведувањето на анкетата и добиените резултати, разговаравме со 17 наставници чии мислења се речиси идентични со мислењата на нивните ученици.

Што велат учениците?

Од 416 ученици, на прашањето: „Дали меѓу учениците има поделба според богатството на нивните родители“, ова се резултатите:

286 ученици сметаат дека постои поделба (69 отсто)
127 ученици сметаат дека нема поделба (30 отсто)
3 ученици останаа воздржани (1 отсто).

Ова се најчестите причини за поделеност помеѓу основците:

1. Поделба според успех и оценки;
2. Поделба според професиите и функциите на родителите;
3. Поделба според финансиската состојба на семејството;
4. Поделба според изгледот;
5. Поделба според однесувањето на ученикот.

- Проверете. Најголем број групи во одделенијата се создаваат според принципот подобрите ученици се дружат со еднакви на себе, а послабите се дружат со послабите. Тоа е поделба помеѓу младите, нели? - вели едно 13-годишно девојче.

Повеќе од 100 ученици веруваат дека родителите на учениците им „асистираат“ во поделбите.

jugoslavija
Фото: Books.openedition.org

- Кога една соученичка вели: „Мојата мајка е докторка, твојата е домаќинка“, јасно е дека тоа не ѝ текнало нејзе. Некој ја научил - вели едно 15-годишно момче.

- Има ученици чии родители ѝ се познати на јавноста, но се однесуваат како и другите. Има деца на лекари, директори и инженери кои се издвојуваат. Значи, постои поделеност - вели еден шестоодделенец.

- Ние сме самите највиновни за поделбите. Секако, виновна е и нашата неактивност, а и нашите родители - додава шестоодделенецот.

- На часовите преовладува пријателство и единство, нема поделби. Постои поделба меѓу момчињата и девојчињата. Таа поделба се истакнува - вели едно 10-годишно дете.

Момчињата што сметаат дека има поделба (98) велат дека за таа поделба се виновни девојките. Велат дека се прават важни, кодошат, се облекуваат поубаво и тераат мода, па сакаат да бидат над нивните врсници.

Учениците најчесто се обвинуваат себеси во случаи на поделба и создавање групи. Потоа ги обвинуваат родителите кои влијаат врз нивните деца и сакаат да ги одделат од пријателите.

Самите сме виновни, но...


Изјавата на 11-годишно девојче: „Јас сум згодна, па пријателите ме мразат“ е необична, иако честопати ги забележувавме изјавите за изгледот како причина за поделба. Во оваа категорија на поделба спаѓа и необичната облека на поединци, иако, за волја на вистината, оваа причина може да се смести и во поделбата по материјален статус на семејството на ученикот.

Поделба предизвикуваат и досадните родители кои ги малтретираат наставниците, кои интервенираат меѓу другарите на нивното дете кога станува збор макар и за најмало несогласување.

- Самиот родител предизвикува потсмев и огорченост кај младите. За нас, тие разгалени деца се отпишани - велат анкетираните ученици.

Третата категорија ученици (оние што обично немаат добри и вистински пријатели) се кодошите и полтроните. Нивните врсници најмногу ги мразат.

На наставниците им е познато сè

Сето она што учениците го наведуваат како причина за поделба им е познато на просветните работници и не е ништо ново. Сите 17 наставници со кои разговаравме изјавија дека појавите на поделеност се забележани во основните училишта, но причините често се несериозни и минливи. Училиштата и наставниците се трудат да ги решат овие проблеми и најчесто успеваат во тоа.

Одвојувањето на девојчињата од момчињата е нормална појава кај учениците од постарите одделенија. Девојките се позрели од момчињата.

Сепак, мислењата на наставниците се поделени во однос на кодексот на облекување (кој може да предизвика поделеност): некои сметаат дека задолжителните училишни униформи се претерани, додека други сметаат дека скромната облека меѓу учениците создава впечаток на еднаквост и не ги дели. Поради ова, во екстремни случаи, облекувањето може да предизвика поделби и училишните власти се обидуваат да укажат на тоа.

Родителите што соработуваат со училиштата се добредојдени, но кога некој ќе се наметне, кога доаѓа на училиште без причина и за секоја ситница - тоа го забележуваат учениците. Родителите што влегуваат во училниците за да ги „решат“ проблемите на своите деца се особено непопуларни. Нивните синови и ќерки се „обележани“ и од нивните врсници.

Извор: Index.hr
Фото: Books.openedition.org
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот