X
 28.06.2018 Наша тема

За десет години 9.000 ученици си заминале од Македонија. Како да се отселил цел Пробиштип

Ќе ни се испусти и испразни земјава, допрва ќе ги почувствуваме последиците, вели наставничката Богојевска

Македонија се празни... Речиси 9.000 основци и средношколци за десет години се отпишале од училиштата и заминале во други држави. Во превод, тоа се половина од матурантите што пред шест години се пријавуваа за ова полагање. Или тоа е една цела Виница или Пробиштип.

Државниот завод за статистика има податоци за тоа колку ученици се отпишале во текот на школската година, дали се запишани во нови училишта во земјава или се заминати во странство. За дел од учениците нема податок каде се, туку дека само се отпишале во тековната година. За 10 години заминале точно 8.988 основци и средношколци.



Наставничката Милица Богојевска од селско велешко училиште вели дека во малата зграда вгодина ќе има едвај десет деца.
- Во последните пет-шест години се иселени неколку семејства од селото, а тоа значи дека се заминати и десетина деца. Две се отпишаа годинава. Си ги зедоа свидетелствата и си заминаа во Германија со родителите. Одат и за Словенија, за Шведска... Слушам дека државата не знае колку граѓани се иселени. Па по децата може да се изброи. Секое дете мора да добие исписница од школо, а и да каже каде ќе се запише бидејќи и основното и средното се задолжителни. Исписницата им треба и за да се запишат потоа во некое училиште во државата во која ќе живеат – вели Богојевска.

Таа 30 години е наставничка и вели дека не памети вакви миграции на населението.
- Ќе ни се испусти и испразни земјава, допрва ќе ги почувствуваме последиците – вели таа.

Заминуваат повеќе основци отколку средношколци

Според податоци од Државниот завод за статистика за последните три години, годишно по над 1.200 основци и средношколци си ги земале документите од матичните училишта и се запишувале во школи во други земји. Ако се анализираат бројките, многу повеќе заминуваат основци отколку средношколци.



Во текот на учебната 2016/2017 од училиште се отпишале 2.601 основец, од кои 1.027 заминале во други држави, за 114 нема информација каде се, а останатите се запишале во други училишта во Македонија. Во истата година од средните училишта се отпишале вкупно 1.642, од кои 245 во други држави, 119 на непознато место, а останатите се презапишале во други училишта во Македонија. Во оваа учебна година во странство заминале 1.272 основци и средношколци. 

Претходната година 1.047 ученици заминале во странски земји, од кои 910 се основци. Во учебната 2014/2015 година од редовните основни училишта се отпишале вкупно 2.795 основци, од кои 1.146 во други држави, а 243 на непознато место.

Во средните училишта се отпишале вкупно 1.627, од кои 135 во други држави. Вкупно од земјава се отселиле 1.281 ученик (најмногу во последните 10 години). Пред 2014 година во просек има по 700-800 отселени ученици годишно.
Во учебната 2013/2014, според податоците од Статистика, вкупно се опишале 772 ученици, во 2012/2013, 702, а во 2011/2012 - 661 ученик. Во текот на учебната 2007/2008 во училишта во други држави се запишале 710 основци и средношколци.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема