X
 06.06.2016 Образование

Зошто оваа учителка напишала лични писма до сите свои ученици?

Една учителка од Колорадо за крајот на училишната година одлучила на секој од своите ученици да им напише искрено и емотивно писмо во кое секој поединечно го фали за она што навистина треба да биде пофален.


- Се одушевија. Реакциите беа прекрасни, а еден ученик скокна од клупа и рече дека засекогаш ќе ја чува својата порака. Децата беа одушевени и сите меѓусебно си ги покажуваа писмата - изјавила 25-годишната учителка Бритни Дарас за „ABC News today“.

Но, позади овој убав гест стои еден настан кој ја погодил длабоко. Дарас предава во училиштето „Rampart“, а на својата страница на „Facebook“ објаснила зошто се одлучила за овој потег.

- Пред два месеци за прв пат заплакав за време на родителски состанок. Мајка на ученичка, која ја подучував две години, ми ја откри причината за отпишување на нејзината ќерка. Нејзината прекрасна, интелигентна и убава ќерка не само што планирала да изврши самоубиство, туку и се обиделе да го изврши, но за среќа ја спречиле во последен момент - пишува Дарас.

Девојката ги избришала своите профили на социјалните мрежи и напишала писмо.

- Додека мајката ми ја раскажуваже приказната, двете започнавме да плачеме. Ја прашав дали можам да и` напишам писмо на нејзината ќерка, а таа ми призна дека за нејзината ќерка тоа би значело многу - вели Дарас.

Учителката и` напишала писмо во кое ја посочила нејзината прекрасна личност и интелигенцијата. Писмото ја допрело девојката и таа и` признала на мајка си дека не мислела дека некој ја доживува така.


- За една учителка е најлошо да слушне дека некој од нејзините ученици се чувствува дека не припаѓа овде. Не знаев дека таа поминува низ нешто такво. Секогаш беше насмеана. Затоа помислив дека можеби уште некое од децата поминува низ тешки моменти - признава учителката.

Тогаш, таа се одлучила на секој од своите ученици да им напише лично писмо во кое ќе ги опише добрите страни на секој ученик. Таа напишала 130 писма кои им ги дала на учениците на последниот училишен ден.


- Пораката од целата оваа приказна е дека никогаш не знаете низ што поминува една личност. Само неколку зборови за охрабрување не само што може да променат нечиј живот, туку може и да го спасат - порачува Дарас.

Директорот на училиштето, Пит Алвараз, изјавил дека учителката Дарас е најдобар пример на учителка на која навистина и` е грижа за своите ученици.

- Квалитетните учители се поврзуваат со своите ученици, а личното писмо е дефинитивно најдобриот начин некому да се обратите и да му покажете колку е посебен - изјавил директорот.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование