Според природата и можностите на факултетот, се одредува начинот на полагање. Сепак, ако полагањето е со физичко присуство, на барање на студентот му се овозможува и онлајн-полагање поради одредени причини (проблеми со превозот, припаѓа на ризична група граѓани итн.). И во обратна ситуација, ако е онлајн, студентот може да побара да полага со физичко присуство (ако нема соодветна техничка можност), вели ректорот на УКЛО, Сашо Коруновски
Главно онлајн ќе се одвива јунската испитна сесија на државните универзитети. Со оглед на тоа дека студентските домови не се отворени, бројот на новозаразени сè уште расте, факултетите избраа да им излезат во пресрет на студентите и на овој начин безбедно да ја реализираат сесијата.
На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) полагањата од наредната недела, кога почнува сесијата, ќе се одвиваат целосно онлајн, со можност студентите што немаат услови да полагаат од дома да го сторат тоа во лабораториите на факултетот, со строги протоколи и во исклучителен случај, ни изјави деканот Иван Чорбев.
Проф. д-р Иван Чорбев (лево)
Комбинација од физичко и електронско полагање ќе имаат студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ. Сесијата ќе почне од 15 јуни, поради ескалирањето на ситуацијата со бројот на заразени во последните неколку дена.
ФЕИТ: Нема да дозволиме ниеден студент да биде изложен на ризик
- Физичкото полагање е нешто што го презервира интегритетот и стандардот на високото образование кое се нуди на нашиот факултет. Но, бидејќи ситуацијата ескалира во последните неколку дена, со одлука на наставно-научниот совет се договори сесијата да почне на 15 јуни. Ќе има две испитни сесии за предметите од летен семестар и една за оние од зимскиот. Студентите што живеат надвор од Скопје не мора да доаѓаат и да полагаат физички. Тие можат да полагаат од своите домови. Затоа дел од предметите ќе ги полагаат целосно онлајн, оние предмети за кои е тоа можно. Факултетот во ниту еден случај нема да дозволи студентите да бидат ставени на ризик - велат од ФЕИТ.
На Медицинскиот факултет во Скопје испитната сесија треба да започне од 15 јуни и да трае до 24 јули. На барање на студентските факултетски собранија беше предвидено испитите да бидат изведени и со физичко присуство. Согласно Уредбата на Владата од 22 мај тоа беше дозволено, со задолжителна примена на мерки за превенција и соодветен протокол за тоа, вели деканката Соња Топузовска.
- Во меѓувреме бројките на заболени од Ковид-19 почнаа да растат. Поради тоа, ќе се направи процена овие денови и соодветно ќе се реагира - вели таа.
На Факултетот за стоматологија некои испити ќе бараат физичко присуство, а некои онлајн. Студентите се поделени во повеќе групи, со што ќе биде запазена мерката да има 2 метра растојание меѓу студентите.
Деканот на Архитектонскиот факултет во Скопје, Огнен Марина, ни најави дека сесијата на овој факултет би почнала од 15 јуни и ги разгледуваат сите можности за нејзиното продолжување и по 17 јули.
- Јунската сесија, иако сè уште не е конечно одлучено, на барање на студентите би се реализирала онлајн - вели Марина.
Целосно онлајн-полагање на Градежниот факултет
На барање на Факултетското студентско собрание на Градежниот факултет, а заради завршување на обврските со графичките и програмски задачи, почетокот на сесијата на овој факултет е поместен за 15 јуни.
- Начинот на полагање во испитните сесии на нашиот факултет отсекогаш бил во корист на студентите, бидејќи имаат право два пати да се пријават за полагање на еден предмет. Имајќи ги предвид новите околности поврзани со ковид-пандемијата од почетокот на јуни, продолжување на вонредната состојба и зголемениот број заразени лица, како и фактот дека најголемиот број од студентите не се од Скопје, организирањето испити со физичко присуство се покажа како „невозможна мисија“, имајќи го предвид здравјето на сите инволвирани страни. Одлучивме Градежниот факултет да ја искористи можноста во Правилникот на реализација на дејностите на УКИМ и единиците во нивниот состав, и да ја организира јунската испитна сесија во целост со примена на платформа за учење на далечина. На интерната анкета направена на факултетот, а во врска со искуството од онлајн-наставата, над 80% од студентите се задоволни од спроведената настава, организацијата и достапноста на наставниот кадар и дадени се препораки за подобрување и нови методи за полагање. Имајќи ја предвид одличната симбиоза на наставниот кадар и студентите, не се сомневаме во успешноста на јунската испитна сесија - вели продеканот за настава Златко Зафировски.
На универзитетите „Апостол Павле“ во Охрид и „Гоце Делчев“ од Штип јунската испитна сесија ќе се одвива целосно онлајн. Со комбинирани испити - со физичко присуство и онлајн-полагање ќе се реализира сесијата и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
- Според природата и можностите на факултетот, се одредува начинот на полагање. Сепак, ако полагањето е со физичко присуство, на барање на студентот му се овозможува и онлајн-полагање поради одредени причини (проблеми со превозот, припаѓа на ризична група на граѓани итн.). И во обратна ситуација, ако е онлајн, студентот може да побара да полага со физичко присуство (ако нема соодветна техничка можност). Со ваквиот флексибилен пристап се остава и простор за еднаков третман на сите студенти според нивните преференции. Ќе кажам дека на УКЛО е во тек колоквиумска недела и досега немаме никакви забелешки од студентите и од професорите. При донесувањето на овие одлуки се водевме од принципот на флексибилност, бидејќи состојбите не можат да се предвидуваат на долг рок - вели ректорот Сашо Коруновски.
На Филозофскиот факултет во Скопје јунската сесија ќе се одвива и електронски и со физичко присуство. Летната сесија ќе се одвива од 15 јуни до 15 јули, а есенската од 17 август до 25 септември, и полагањето на испитите може да се реализира со користење средства за електронска комуникација (MS Teams, Exam.net) или со физичко присуство во согласност со протоколот за полагање испити, а во согласност со мерките за заштита од коронавирусот, организирано во две декади.
Филозофски факултет: Препорака за првата декада да се организираат е-испити
- Со оглед на здравствените околности, во соработка со Студентското собрание, имајќи ги предвид проблемите со студентите од други држави и затворените граници, неотворањето на студентските домови, проблемите со превозот на студентите од другите градови, деканатската управа на факултетот и Деканатот донесоа Одлука и Упатство за начинот на реализирање на испитите во јунската и есенската испитна сесија, со почитување на одлуките, мерките и протоколите донесени од МОН. Факултетот обезбеди административна и техничка поддршка за спроведување е-испити, испити во просториите на факултетот. Во самото упатство е наведено дека во случај на донесување дополнителни или нови мерки за заштита од коронавирусот, распоредот и начинот на реализација на испитите дополнително може да се усогласи. Секојдневно ја следиме состојбата, затоа и јунската сесија почнува од 15 јуни, со препорака во првата декада наставниците да одржуваат е-испити. За жал, состојбата се менува од ден на ден, затоа донесовме одлука за укинување на казните за задоцнето пријавување на испити и заверка на семестрите, со цел да се избегне поголема фреквентност во просториите на факултетот - објаснува деканот Ратко Дуев.
На Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер втората испитна сесија е организирана како дупла сесија. Овој пат е дури пролонгирана поради специфичните услови со пандемијата на Ковид-19. Сесијата започна на 8 јуни, а ќе трае до 20 јули. Ќе се полага на два начина: електронски и со физичко присуство, вели продеканот за настава Елена Никољски-Пановски.
- Кај одредени професори ќе се полага само со физичко присуство, кај останатите по електронски пат, но има и такви ситуации каде што еден професор ќе ги реализира испитите користејќи се со двете методи. Во изминатиов период голем процент од наставата се одвиваше исто така електронски, така што професорите се подготвени. Општ впечаток е дека ситуацијата со пандемијата во земјава ги детерминира сите постапки. Многу од состојбите ги решаваме во од бидејќи очекуваме условите да се изменат. Работиме како цело време да ќе има пандемија, а подготвени сме да се пренасочиме веднаш доколку за еден месец помине - вели Никољски-Пановски.
Проф. д-р Елена Никољски-Пановски, продекан за настава на ФДТМЕ
И на Правниот факултет во Скопје ќе се оди со комбинација на онлајн и со физичко присуство, со усвоена препорака од Наставно- научен совет испитите со физичко присуство да се спроведуваат во третата декада, односно од почеток на јули, со максимално почитување на сите протоколи за заштита - вели деканот Горан Коевски.
Сесијата почна на 8 јуни. Прва декада од 8 до 19 јуни, втората – 22 јуни до 3 јули, а третата 6-17 јули.
- Ќе се оди со минимален број во живо во првата декада, а најголем број пријавени за во живо се во третата декада, со отворена можност и тоа да се смени во зависност од состојбата со пандемијата и во интерес на заштита на здравјето на сите вклучени во спроведување на испитните рокови (студенти, професори, администрација, лица одговорни за ред и хигиена и сл.) - додава Коевски.
Јунската испитна сесија веќе е во тек и на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
- Ние се раководиме според мерките и одлуките на Владата и МОН, а се разбира, секојдневно ја следиме и состојбата со Ковид-19. Според тоа, јунската сесија ја организираме со комбинација на онлајн и физичко присуство почитувајќи ги протоколите за заштита пропишани од Владата. Инаку, јунската испитна сесија е во тек и ќе трае до 14 јули - вели Мими Таневска, декан на ФДУ.