X
 26.06.2018 Живот

Порасна без струја и вода, а сега е милијардер

Стјуарт Батерфилд е основач на технолошките компании „Flickr“ и „Slack“. Тој пет години живеел во заедница во зафрлен дел од Канада откако татко му избегал од САД за да не служи во Виетнамската војна.

Младиот Батерфилд и неговите родители живееле во колиба во шума во Британска Колумбија и три години немале ни вода ни електрична енергија.

- Моите родители дефинитивно беа хипици. Тие сакаа да живеат настрана од сѐ, но излезе дека многу нешта биле вмешани, па се вративме во град - вели Батерфилд, чии родители го крстиле со името Дарма.


Фото: BBC

Откако фамилијата се преселила во Викторија, главниот град на Британска Колумбија, Батерфилд го видел својот прв компјутер, на негова седумгодишна возраст, и научил да програмира на толку мала возраст.

Денес, 46-годшниот Батерфилд има лично богатство кое се проценува на 650 милиони долари. Можеби делумно поради неговото невообичаено растење, тој вели дека се обидува да живее скромно.

- Се чувствувам виновен што трошам премногу пари. Како Канаѓанец, тој свет ми е чуден и непознат - вели тој.

Голем дел од својот успех Батерфилд го припишува на среќата. Тој раскажува како на негова седумгодишна возраст бил фасциниран од првиот бран на персонални компјутери. Сам научил да кодира од компјутерски списанија. На 12-годишна возраст си го сменил името во Стјуарт и на таа возраст научил да прави основни компјутерски игри.

Сепак, како средношколец тој го загубил интересот за компјутери и заминал да студира филозофија на Универзитетот во Викторија, а потоа магистрирал на „Кембриџ“. Во 1997 за малку станел професор по филозофија кога интернетот навистина почнал да зема замав.

- Луѓето што знаеја како да прават веб-страници се селеа во Сан Франциско и имав еден куп пријатели што заработуваа два или три пати повеќе од професорите. Беше ново и возбудливо - се присетува тој.

Стјуарт решил да се откаже од академскиот живот и да се пресели во Силициумската долина. Откако неколку години работел како веб-дизајнер, во 2002 година претставил интернет-игра, но не доживеала успех. Барајќи план Б, му дошла идејата за „Flickr“. Платформата за споделување фотографии била направена за само три месеци. „Flickr“ беше една од првите страници што им овозможуваа на луѓето да прикажуваат, споделуваат, означуваат и да коментираат на фотографии.

Во 2005 година компанијата му беше продадена на гигантот „Yahoo“ за 25 милиони долари, а Батерфилд за таа одлука рече дека била погрешна бидејќи ако почекале повеќе, можеби ќе направеле подобра зделка.


Фото: BBC

Сепак, тој продолжил кон „Slack“. Тоа е апликација за тимска комуникација и соработка која доживеа многу брз раст. По неколку инвестиции, сега вредноста на „Slack“ се проценува на 5,1 милијарди долари.

Кога станува збор за иднината, Батерфилд нема намера да ја напушти „Slack“, како што направил со „Flickr“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот