Во ера каде што истражувањето на вселената ја доловува нашата имагинација, една поинаква космичка грижа го бара нашето внимание: потенцијалната закана од судир на астероид со Земјата. Иако ова може да звучи како заплет на холивудски блокбастер, тоа е потенцијално многу реално сценарио за кое НАСА и другите вселенски агенции во светот се подготвуваат со години.
Петта вежба за планетарна одбрана
Речиси 100 претставници од различни американски и светски агенции, вклучително и НАСА, Европската вселенска агенција (ЕСА), Јапонската ЈАХА и Универзитетот Кембриџ, се собрале во Лабораторијата за применета физика „Џонс Хопкинс“ во Мериленд на петтата вежба за планетарна одбрана, под капа на Канцеларијата за координација на планетарна одбрана на НАСА.
Голем удар на астероид е потенцијално единствената природна катастрофа што човештвото може да ја предвиди со години однапред и да преземе мерки за да ја спречи. Затоа, оваа вежба вклучувала и хипотетичко сценарио во кое претходно неоткриен астероид има 72% шанси да удри во Земјата за приближно 14 години. Покрај тоа, клучните последователни набљудувања биле одложени за седум месеци бидејќи астероидот поминал зад Сонцето од перспектива на Земјата. Ваквото сценарио, велат оттаму, ја истакнува важноста од раното откривање и ја нагласува потребата од меѓународна соработка во следењето и одговорот на потенцијалните закани.
Скриени астероиди
Моментално достапните методи за набљудување на вселената не успеваат да ги откријат сите астероиди навреме. Некои рефлектираат многу малку светлина, други орбитираат во области каде што е тешко да се видат од Земјата, како оние што ни се приближуваат од правец на Сонцето.
Астрономите и вселенските агенции користат различни техники, вклучувајќи истражувања на широко поле, инфрацрвени набљудувања и вселенски телескопи, но и покрај сето ова, некои скриени астероиди стануваат видливи само кога ќе поминат релативно блиску до Земјата.
Мисијата ДАРТ
Последната вежба првпат вклучувала податоци од мисијата на НАСА – ДАРТ (Двоен тест за пренасочување на астероиди). Оваа импресивна демонстрација на технологијата на отклонување на астероидот, која го зафати астероидот на месечината Диморфос во септември 2022 година, докажа дека потенцијално би можеле да го промениме текот на небесното тело што доаѓа кон нас.
Но, примената на таква технологија за реална закана бара долгогодишно планирање. Така, иако нема значајни закани од удари на астероиди во догледна иднина, или барем не знаеме за такво нешто, вежбите како оваа играат клучна улога во подготовката за неочекуваното.
Во ова треба да помогнат и проектите за рано откривање, како што е „НЕО Срвајвор“ на НАСА. Овој инфрацрвен вселенски телескоп, дизајниран да го забрза откривањето и карактеризирањето на потенцијално опасни објекти блиску до Земјата, треба да стане оперативен во јуни 2028 година.
Извор: bug.hr
Фото: YouTube screenshot