На социјалната мрежа „Редит“ веќе некое време се присутни барањата за создавање ново реално шоу во кое луѓето што веруваат дека Земјата е рамна би се обиделе да дојдат до работ на светот. Инаку, нивното верување потекнува од Библијата, а меѓу другото, овие луѓе не веруваат ни во постоењето на постојана гравитација.
Тие се уверени дека светот е опкружен со леден ѕид, што всушност е Антарктикот, додека арктичкото подрачје се наоѓа во центарот на дискот на Земјата. Ако случајно успеете да се искачете преку овој леден ѕид, би паднале во вселената или во друга бесконечна област. Но, според веб-страницата „
Флат Ерт сосајети“, никој жив не преминал преку тој леден ѕид, ниту раскажал за неговото патување кон него.
Фото: Flat Earth Society/Twitter
Некои автори тврдат дека овој ѕид го надгледува американската вселенска агенција НАСА, чија вистинска мисија е да ги лаже луѓето за тоа дека овој ѕид не постои. Иако не постојат никакви научни докази, расте бројот на луѓето што мислат дека Земјата е рамна плоча. Според новото истражување, околу третина од милениумците се сомневаат во фактот дека Земјата е топка.
Така, на интернет често се промовира идејата за снимање реално шоу во кое оние што веруваат во тоа дека Земјата е рамна би се обиделе да стигнат до ледениот ѕид. Предизвикот е и да се премине, ако се доволно храбри, за да ни докажат дека се во право. Поголемиот дел од овие идеи настануваат на „Редит“, а на сите учесници би им се овозможил пристап до хеликоптери, бродови, авиони и сите други превозни средства за да стигнат до ѕидот.
Другите идеи се малку поекстремни. Една
идеја вели дека реалното шоу всушност треба да биде натпревар. Оние луѓе, чие мислење ќе се покаже како најуверувачко, би добиле главна награда - патување во вселената, на Меѓународната вселенска станица. По враќањето на Земјата би било интересно да се види дали пак ќе мислат дека Земјата е рамна или ќе пронајдат друго лудо објаснување.