Земјотресот е природна појава која е резултат на поместувањето на тектонските плочи, движењето на Земјината кора, при што се ослободува голема енергија што води до потресување на земјата. Во продолжение можете да го прочитате прирачникот за намалување на заканите од земјотреси на Дирекцијата за заштита и спасување.
СЕКОГАШ БИДЕТЕ ПОДГОТВЕНИ
Проверете ги сите потенцијални опасности:
- Прицврстете ги полиците, бојлерот, лустерите, огледалата за ѕид;
- Избегнувајте да поставувате ормани, полици, слики, огледала над местата каде што е предвидено да се спие;
Идентификувајте сигурни места во и надвор од објектите:
- Во домот, училиштето, одредете едно или повеќе сигурни места за евакуирање во случај на земјотрес, и тоа што подалеку од прозорците, големите стаклени површини и преградните ѕидови;
- На отворено бидете што подалеку од згради, дрвја, телефонски и електрични столбови, мостови, тунели...
- Складирајте ги опасните и запаливи материи на сигурно место;
Секогаш имајте подготвено:
- Батериска ламба, радиоприемник со резервни батерии, мобилен телефон, прибор за прва медицинска помош, лекови, документи за идентификација, апарат за гаснење пожар, повеќенаменско ноже, вреќа за спиење;
- Одредени резерви на конзервирана храна и вода во шишиња.
Дополнително едуцирајте се:
- Надградувајте ги вашите знаења и вештини за заштита и начините како да се однесувате пред, за време и по земјотрес;
- Во училиште и на работното место информирајте се што е предвидено со планот за заштита и спасување од земјотреси;
ШТО ДА ПРАВИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ЗЕМЈОТРЕС!
Доколку за време на земјотресот се наоѓате во затворен простор:
- Останете мирни и присебни - не дозволувајте да ве фати паника. Бидете свесни дека некои земјотреси се само почетни потреси и дека набрзо може да следува друг, посилен земјотрес;
- Скријте се на сигурно место во домот, на пример: носечките ѕидови, под маса, цврст мебел, и останете таму додека трае потресот, или покријте ги своето лице и главата со рацете и скријте се во аголот на внатрешните ѕидови на просториите - никако не смеете да останете во централниот дел од собата;
- Не обидувајте се да бегате;
- Стојте подалеку од прозорци, надворешни ѕидови и врати, или што било што би можело да падне, како лустери или полици;
- Доколку сте в кревет, спуштете се покрај креветот и заштитете ја главата;
- Останете во домот додека потресот не престане и не биде безбедно да излезете;
- Сè додека трае потресот, избегнувајте скали и лифтови;
- Доколку сте во јавен објект - останете мирни и не паничите. Држете се понастрана од метежот кој настанал како резултат на паника кон излезите;
- Бидете свесни дека може да дојде до прекин на електричната енергија и дека може да се вклучат алармите.
Доколку за време на земјотресот се наоѓате на отворен простор:
- Стојте подалеку од згради, мостови, тунели, улични светла, електрични столбови и кабли;
- Доколку сте на улица, водете сметка за објектите кои може да паднат на вас (оџаци, прозорци, тули од покрив);
- Заштитете ја главата со рацете или со чанта, доколку носите;
Доколку за време на земјотресот се наоѓате во автомобил во движење:
- Доколку ви дозволува безбедноста во сообраќајот, запрете го движењето на автомобилот, само тоа нека не биде покрај згради, дрвја, надвозници или електрични кабли;
- Продолжете безбедно кога земјотресот ќе престане, но избегнувајте да возите по мостови, вијадукти, тунели, рампи.
ШТО ДА ПРАВИТЕ ПО ЗЕМЈОТРЕС!
Ако се наоѓате под рушевини:
- Не движете се;
- Покријте ја устата со марамче или ткаенина;
- Удирајте по цевка или ѕид за спасувачките тимови да може да ве пронајдат. Ако имате свирче, искористете го. Викајте само ако е тоа последна опција.
Во други ситуации:
- Бидете подготвени за дополнителни потреси;
- Земете ги со вас најважните работи;
- Исклучете ја електричната енергија, затворете ги плинот и водата на главниот вентил;
- Пијте само вода од шише;
- Следете ги упатствата на надлежните органи и доколку сте во можност, придружете се кон тимовите за спасување од рушевини и понудете помош за настраданите.
Извор: Дирекција за заштита и спасување
Фотографии: Freepik