X
 28.08.2019 Култура

Уметниците против урбаната мафија – како да се заштитат просторот и достоинството на човекот?

Интересно беше ин ситу да се види една семејна куќа „насадена“ на посакувана локација за инвеститорите, кои како мршојадци кружат за да го добијат секој можен милиметар

Силните звуци од градежните работници во скопската населба Тафталиџе 2 беа вистински зачин на прес-конференцијата посветена на уметничката резиденција на која седум мултимедијални уметници од земјава и од странство творат на тема „Допир и простор“. Денови поминати низ дебати како просторот влијае врз едно човечко битие, колку урбаната мафија се наметнува врз човекот и влијае врз неговото секојдневие и како уметниците го трансформираат тој дијалог во уметнички дела.

Фото: Хенрике фон Девиц

Интересно беше ин ситу да се види една семејна куќа „насадена“ на посакувана локација за инвеститорите, кои како мршојадци кружат за да го добијат секој можен милиметар. Токму во таа семејна куќа опкружена со нови повеќекатници сонцето сè потешко и потешко допира. Идејата на невладината организација „Македонида“ е оваа куќа да ја зачува во нејзината оригинална градба и да прерасне во уметничка резиденција каде што уметници од цел свет ќе можат да се дружат, да разменуваат искуства, да творат.

На резиденцијата учествуваат Ѓорѓе Јовановиќ, Владимир Лукаш и Шќипе Мехмети од Скопје заедно со Франциско Томшич (Уругвај/Словенија), Хулиета Ортиз де Латиеро (Аргентина), Татjана Коцмyр (Аргентина/Словенија) и Аугусто Гадеа (Уругвај). Куратор на резиденцијата е Гордана Велков, а гостин-куратор е Владимир Јанчесвки.

- Идејата за „Допир и простор“ потекна од општите случувања во нашата земја. Од транзиција се префрли на брутална трансформација на сè што постои. Се смени просторот, не само градскиот, туку и приватниот. Граѓаните стануваат заложници, нема одбрана од ниту една страна – од држава, од општина, од никој – објаснува таа.

Фото: Хенрике фон Девиц

Ѓорѓе Јовановиќ вели дека почнувањето на уметничката резиденција е предизвик бидејќи ваква форма на создавање не постои во земјава.
- Ќе овозможи поголема соработка меѓу уметниците од светот, не само од кај нас – вели тој.

Состојбите во Скопје, Македонија и во регионот се драстични примери, но не се изолирани случаи. Секаде во светот се намалува независниот простор каде што уметниците можат да творат. Татјана Коцмур го дава примерот во Љубљана, каде што простор кој го користела независната сцена се трансформира во катна гаража.

Франциско Томчиш не е првпат во Скопје. Вели дека е фасцинантно како се менува градот – темата е многу комплексна и има силен импакт врз животите на луѓето. Во фокусот на неговиот интерес се паралели не само на уметноста, туку на целото социолошко-општествено уредување во последните децении на 20 век во Јужна Америка и поранешна Југославија.

Фото: Хенрике фон Девиц

Аугусто Гадеа е од Уругвај. Тој првпат е во Македонија. Во своите дела сака да внесе дел од природата, па заднината на малите формати ја слика со земја, а фигурата е со класични сликарски бои.

Хенрике фон Девиц од Германија ja води документацијата за целокупниот престој и активностите на учесниците, а сите информации тековно можат да се следат на блогот Touch the Space. Создадените дела од уметничката резиденција ќе бидат изложени во дворот на семејната куќа во Тафталиџе 2 в петок, во 20 часот. Ќе почне со заеднички перформанс на Татјана Коцмур и Шќипе Мехмети и со изложба на останатите дела.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура