Добре дојдовте во вселенската трка на 21 век, онаа што потенцијално би довела до 10-минутни одмори во вселената, вселенски хотели и испраќање луѓе на Марс. Но за разлика од претходната вселенска трка, сега учествуваат приватни компании наместо моќните земји. Оваа година „Спејс-Екс“ испрати луѓе на Меѓународната вселенска станица од САД и со тоа ја започна трката. Што може да очекуваме во иднина?
Приватни летови во вселената
Приватните летови во вселената не се нешто ново бидејќи НАСА соработувала со приватни компании во изградбата на вселенските летала уште од 60-тите години. Во иднина ќе гледаме повеќе вакви соработки. НАСА во моментов работи со „Спејс-Екс“ и „Боинг“ во изградбата на вселенски летала за испраќање луѓе во орбитата. Со тоа НАСА може да испраќа астронаути во вселената поевтино од претходно.
Фото: Pixabay
„Спејс-Екс“, која прави ракети за повеќекратна употреба, редовно испраќа материјали до Меѓународната вселенска станица од 2012. Во мај годинава ракета на компанијата ги испрати астронаутите Даг Харли и Боб Бенкен до станицата, со тоа станувајќи првата мисија со
астронаути што била лансирана од САД во речиси една деценија.
„Боинг“ во моментов работи на ракета и се надева дека ќе почне да испраќа астронаути до Меѓународната вселенска станица во 2021.
Други компании, како „Блу Ориџин“ и „Вирџин галактик“, се специјализираат во вселенскиот туризам. Компаниите веќе работат на идејата да се испратат луѓе во орбитата како туристи. „Вирџин галактик“ прави тестирања на својот авион со кој патниците ќе уживаат во поглед кон Земјата од орбитата.
Патување до Месечината
Мисиите до Месечината се важни за истражувањето на подалечните планети. По долга пауза НАСА повторно планира да испрати астронаути на Месечината. Планот на вселенската агенција е да постави вселенска станица во орбитата на Месечината во следната деценија, но претходно се планира испраќање на првата жена (и следниот маж) на Месечината до 2024.
Со долгите престои на Месечината се добива искуство и знаење потребно за долги вселенски мисии до другите планети. Освен тоа, Месечината може да се користи и како база за полнење гориво или кислород во долгите мисии. Ваквите мисии се важни за патувањето во подлабоката вселена, што бара и независност од ресурсите на Земјата.
Фото: Pixabay
Луѓето ја посетиле Месечината и порано, но оваа сфера сè уште има научни мистерии кои чекаат да бидат истражени. НАСА работи со приватни компании за нејзините идни мисии на Месечината, поточно за развивање летала за слетување на Месечината. Се тестира и вселенска капсула која е поголема и во која може да летаат четворица.
Нова ера во вселенското летало
Со мисиите што ги планира НАСА се надева дека ќе го смени вселенското летање, особено од финансиски аспект. Доколку патувањето во вселената стане поевтино и подостапно, можно е луѓето редовно да ја посетуваат вселената и да уживаат во погледот кон планетата, без разлика дали тоа ќе биде од вселенски капсули, вселенски станици или вселенски хотели какви што планира да изгради компанијата „Бигелоу Ероспејс“.
Фото: Pixabay
Освен тоа, САД не се единствената земја што има аспирации кон вселената. Русија редовно испраќа луѓе на Меѓународната вселенска станица, а Кина планира да изгради голема вселенска станица и веќе прави тестирања за неа.
Во моментов над 12 земји имаат технологија и ресурси за да испраќаат ракети во орбитата на Земјата. Дури 6 вселенски агенции дизајнирале вселенски летала кои патувале до Месечината или до Марс. Само во овој месец Обединетите Арапски Емирати и Кина испратија мисии до Марс.
Автор: Надја Дрејк
Извор:
nationalgeographic.com