X
 26.08.2021 Живот

Германија целосно ја менува стратегијата за коронавирусот. Ова е новиот план

Инциденца - збор што секој во Германија знае што значи: број на нови инфекции со коронавирус во последните седум дена на 100.000 жители.

Ако инциденцата изнесува 50 или повеќе, во сила стапуваат ограничувања. Се контролираат собирите на луѓето, а на продавниците, рестораните и кината повторно им се заканува затворање. Така вели законот.

Но, инциденцата повеќе нема да биде клучен критериум за воведување мерки. Германскиот министер за здравство Јенс Шпан е задолжен за изработка на ново законско решение, и тоа ако е можно пред парламентарните избори на 26 септември.

Мерки според бројот на пациенти во болниците


Тој сака што поскоро да воведе систем што ќе одговара на бројот на пациенти со коронавирус што се лекуваат во болниците. Шпан вели дека инциденцата и понатаму е важна, но дека времето за тој критериум поминало бидејќи голем број луѓе биле вакцинирани во Германија. На прашањето дали ќе се воведе ново заклучување наесен доколку се зголеми бројот на заразени, Шпан вели: - Сигурно нема да има заклучување за вакцинираните и оние што прележале ковид-19.

Опозицијата, пак, смета дека не станува збор за здравствена заштита на граѓаните, туку за помош за кампањата на премиерот на Северна Рајна-Вестфалија.

Армин Лашет, здравствен експерт од опозицијата, вели дека потегот на владата изгледа незавршен.

- Не е јасно каква улога ќе игра инциденцата во иднина. Исто така, не е јасно каква ќе биде границата за бројот на лица заразени со ковид-19 во болниците - вели тој.

Во моментов има само 1,3 ковид-пациенти на 100.000 жители во германските болници. Иако вакцинираните луѓе, исто така, можат да се заразат со вирусот, болеста почесто е блага, па затоа ретко мора да одат во болница.

kovid
Фото: Freepik

Новиот план на владата е вакцинираните и оние што прележале ковид-19 да можат слободно да одат во ресторани, кафулиња, кина, базени и спортски сали. А оние што не се вакцинирани ќе треба да се тестираат, а од 11 октомври ќе треба сами да ги плаќаат тестовите.

- Тргнувам од фактот дека вакцинацијата ќе продолжи да напредува, дека нема да има ограничувања за вакцинираните и дека нема да има заклучување - вели Армин Лашет.

Има и такви што поинаку гледаат на ситуацијата, како што е претседателот на Здружението на семејни лекари во Берлин и Бранденбург, Вофлганг Крајшер. Тој вели дека властите треба да продолжат да ја следат инциденцата.

- Но, на политичарите им се потребни аргументи за да избегнат ново заклучување, и тоа можам да го сфатам - вели тој.

Повеќе од 59 отсто од населението во Германија веќе се вакцинирани, а проблем се останатите 40 отсто.

- Кога толку многу луѓе се незаштитени, инциденцата од околу 200 би била знак за тревога - предупредува Крајшер. Тој вели дека треба да се зголеми притисокот врз оние што избегнуваат вакцинација.

Министерот за здравство предупредува дека три клучни правила сѐ уште важат за сите: маска, дистанца, хигиена. Но, колку е поголем бројот на вакцинирани во Германија, толку повеќе луѓе стануваат невнимателни - а ова придонесува за зголемен број на заразени.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот