X
 24.12.2017 Живот

Како изгледа најхуманиот затвор во светот?

Може ли затворот да биде хуман? Во социјално прогресивната Скандинавија, можеби. Затворот во Данска и Сервисот за условна казна, како и архитектонската компанија „CF Møller“, го дизајнирале, како што велат тие, најхуманиот затвор со максимална безбедност.


фото извор: C.F. Møller

Затворот „Сторстром“ се наоѓа во градот Гундслев, а изгледа повеќе како универзитетски кампус отколку затвор. Целта на архитектурата и социјалната политика на затворот се да се намали рецидивизмот со нагласување на рехабилитацијата – пристап кој го применуваат Скандинавските земји. Се обидуваат да создадат средина која е блиска до секојдневната, што е придобивка и за 250-те затвореници, но и за затворските чувари. Од тимот кој стои позади креирањето на овој затвор, велат дека тешката и помалку стимулирачка средина, каква што е во традиционалните затвори, не доведува до промена на затворениците, односно стапката на криминал не се намалува.


фото извор: C.F. Møller

Во овој затвор не се гледаат решетки, односно индивидуалните ќелии повеќе изгледаат како соби за спиење, со прозорци, кревет, приватен тоалет, биро и светилка за читање. Во затворот нема централна кафетерија, па затворениците во групи од 4 до 7 лица, делат заеднички кујни, каде што самите си го подготвуваат јадењето. Исто така, делат и дневна соба, која изгледа како домашна, за да немаат чувство дека се во институција.

Стратегијата за ресоцијализација, вклучува пресликување на рутините на слободните луѓе, па кога затворениците ќе бидат ослободени, да можат подобро да се прилагодат на секојдневниот живот и да го почитуваат законот. Надворешноста на затворот изгледа како парк во кој има неколку скулптури, а уличките ги поврзуваат зградите од самиот затвор. Затворениците имаат на располагање работилници, продавница, црква, центар за посета, терен за играње (кога ќе ги посетат децата) и библиотека.


фото извор: C.F. Møller

Затворот е безбеден, бидејќи е одвоен од регионот кој го опколува, а има и висок ѕид околу него. Во затворот има над 300 камери, па чуварите можат да имаат целосен надзор на сето она што се случува.

фото извор: C.F. Møller

Изгледа дека оваа стратегија успева. Стапката на рецидивизам е околу 27%, што е половина помалку од стапката во САД. Се разбира дека уште има појави како тепачки, дилерство со дрога и бегање. Но, Данскиот систем креира модификации за превенција од вакви случки. Дали ваквиот модел би можел да функционира и на друго место? Сепак, во САД, на пример, се применува сосема поразличен модел, каде што затворениците престојуваат во многу поопасни услови. Тимот кој стои позади креирањето на Данскиот затвор, смета дека нивниот модел е вреден за применување, бидејќи веруваат дека архитектонското опкружување може да има позитивен ефект во обидот за трансформирање на криминалците во регуларни граѓани, кои ќе го пронајдат своето место во општеството.

Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот