X
 26.09.2018 Наука

Електричен имплант им помага на парализирани луѓе да проодат

Тројца пациенти што биле парализирани од половината надолу повторно успеале да проодат откако во 'рбетните мозоци им биле вметнати електроди.

Еден маж успеал да помине повеќе од 100 метри со помагало откако му бил вметнат имплантот. Експертите велат дека тој уред, поставен под повредата, помага изгубените сигнали од мозокот да дојдат до мускулите во нозете.

Американскиот тим од Универзитетот во Луисвил и клиниката „Мајо“ својот успех го опишаа во списанијата „Нејчр медисин“ и „Њу Ингланд џурнал оф медисин“.

Една пациентка истакнала дека животот ѝ се променил благодарение на технологијата.

- Учеството во оваа студија навистина ми го промени животот бидејќи ми даде надеж за живот за кој не мислев дека е можен по сообраќајната несреќа - истакнува 23-годишната Кели Томас.

Таа додава дека првиот ден кога направила самостојни чекори бил емоционална пресвртница во нејзиното заздравување, што никогаш нема да го заборави бидејќи во еден момент одела со помош на асистент, а следниот сама.

- Неверојатно е што човечкото тело може да постигне со помош на истражувања и технологијата - нагласува таа.

Џеф Маркиз
Фото: Би-би-си

Откритието му помогнало и на Џеф Маркиз (35), кој се повредил додека возел велосипед, како и на Џеред Чинок (29), кој преживеал несреќа со моторна санка.

Џеред Чинок
Фото: Би-би-си

Како што истакнаа експертите, вметнатото делче не ја поправа штетата, туку ја избегнува преку стимулирање на нервите подолу во 'рбетниот мозок. Сигналите од мозокот тогаш пристигнуваат до таргетираните мускули и пациентот може доброволно да ги контролира своите движења. Но, кога стимулацијата ќе се исклучи, свесното движење престанува.

- Ова им дава голема надеж на луѓето што се соочуваат со парализа, но сè уште сме во многу рана истражувачка фаза - заклучува неврохирургот Кендал Ли од клиниката „Мајо“ во Рочестер, Минесота.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука