Тинејџерка која се заразила со коронавирусот открила дека болеста ѝ предизвикала парализа на гласните жици откако забележала проблеми со дишењето.
Според експертите, оваа парализа на гласните жици се случила како последица на влијанието на болеста врз нервниот систем. Авторите на извештајот за случајот велат дека ова е прв случај на парализа на гласните жици кај тинејџер по дијагноза на ковид-19. Претходно вакви случаи биле забележани кај возрасни луѓе.
- Вирусот има познати невролошки компликации, вклучувајќи главоболка, напади и периферна невропатија - пишуваат експертите.
Новиот случај открива дека парализата на гласните жици може да биде уште една можна невролошка компликација предизвикана од болеста.
Во случајот 15-годишната девојка била примена во болница по девет дена откако ѝ била дијагностицирана болеста. Таа на почетокот имала класични симптоми како умор и висока температура и состојбата ѝ се подобрила пет дена по дијагнозата. Меѓутоа, девет дена по дијагнозата почнала да има тешкотии со дишењето. Пациентката повеќе не била позитивна на коронавирусот кога била примена во болница.
По детални прегледи било заклучено дека болеста ѝ предизвикала парализа на гласните жици, односно нејзините гласни жици не можеле да се движат. По неколку обиди за наоѓање третман, хирурзите направиле трахеостомија, операција во која се прави мал отвор во душникот за да се помогне во дишењето.
Последиците од состојбата, како слабост во мускулите и проблемите со движењето, се подобриле со текот на времето. Девојката можела да дише самостојно дури по 15-тиот месец од операцијата.
Извор:
Science alert
Насловна фотографија: Pixabay