Научници од Истражувачкиот центар „Неврорестор“ при Универзитетот на Лозана во Швајцарија идентификуваа група нервни клетки што им помагаат на пациентите со парализа повторно да можат да стојат и да одат.
Овие нервни клетки, или неврони, наречени „Ве-ес-екс-2“, ги има во ‘рбетниот мозок и имаат клучна улога во обновувањето на моторната функција по повреда на ‘рбетот. Во клиничкото испитување учествувале девет испитаници. Џордан Сквајр, еден од научниците, одговорен за регенеративните терапии за нови неврохируршки третмани, смета дека ова го отвора патот кон повеќе насочени третмани за пациенти со парализа.
- Сега можеме да целиме кон манипулација со овие неврони за да го регенерираме ‘рбетниот мозок - вели тој.
Третманот под назив епидурална електрична стимулација – ЕЕС вклучува вградување на мал уред над заштитната обвивка на ‘рбетниот мозок. Истражувањата покажале подобрувања во подвижноста по пет месеци третман и рехабилитација.
- Нашата нова студија, каде што девет пациенти од клиничкото испитување можеа да обноват одреден степен на моторната функција благодарение на нашите импланти, ни дава значаен увид во процесот на обнова на невроните на ‘рбетниот мозок - изјави Џоселин Блох, неврохирург во Универзитетската болница во Лозана и дел од истражувачите во овие испитувања.
Извор: МИА