Менаџерка на кафуле во римско предградие сака да им овозможи на своите гости да уживаат во кафето без никаков стрес.
- За вирусот се зборува со месеци наназад, па затоа одлучивме да ја разведриме атмосферата - вели Кристина Матиоли, менаџерка на кафулето „Филинг“ („Чувство“).
Италија беше првата европска земја погодена од пандемијата и претрпе најдолг и најстрог карантин. По неколку пријатни летни недели, кога животот речиси се врати во нормала, пандемијата повторно доминира.
- Не станува збор за негирање или неразбирање на она што нè опкружува, туку ние едноставно сакаме да направиме пауза - вели Матиоли. Повеќето од гостите позитивно реагираат на забраната.
Бруна Пјаца, кој е редовен клиент, вели дека ова е одлична идеја.
Фото: Twitter
- Сити сме од коронавирусот, не можеме повеќе да поднесеме, каде и да одиме се разговара за тоа. Среќна сум што можам да разговарам за нешто друго - вели таа.
Но, вирусот е присутен. Средствата за дезинфекција се на масите, а маска носи секој што не јаде и не пие. Кафулињата мора да бидат затворени во 18 часот, според владините мерки за спречување на ширењето на вирусот.
За оние со помала имагинација, Матиоли на ѕидот залепи неколку теми за разговор, од историја до култура.
- Тоа беше паметен потег, би рекол дури и неопходен. Мора да престанеме да зборуваме на оваа тема, мора да се реши проблемот, а не да се разговара за тоа - додава Маурисио Чокари, кој е редовен гостин.
Но, што ако разговорот сепак се насочи кон забранетата тема?
- Нема санкции, но им го покажувам натписот - се смее 35-годишната Матиоли.
Се чини дека има успех - почнале да доаѓаат нови гости кои слушнале за кафулето во кое не се разговара за вирусот.
Фото: Pixabay