X
 26.10.2020 Образование

84 десетки на 84 испити - студент од Србија на 23 години заврши два факултета

Има само 23 години, а веќе има диплома од два факултета - од Електротехничкиот и од факултетот по физика. Стефан Ѓорѓевиќ од Белград за четири години положил вкупно 84 испити, 45 на Електротехничкиот факултет, а 39 на Факултетот по физика. Тој ги положил сите испити со десетка.

Моментално работи како асистент на факултетот по физика. Тој конкурирал за магистерски студии, иако технички веќе ги завршил бидејќи ги положил речиси сите испити однапред и треба само да го одбрани трудот. Сака да запише докторски студии надвор од Србија, а потоа да се врати во својата родна земја.

За успехот на Стефан се слушнало благодарение на неговата девојка Ана Кнежевиќ, која ја објавила веста на „Твитер“.



Стефан вели дека за успешно студирање најдобро е да се запишете на она што го сакате. Математиката и физиката му биле избор уште во основно училиште, а потоа и во математичката гимназија. Стефан објаснува како заедно со пријателот Михајло Спориќ, кој минатата година починал од рак, биле физичари, но одлучиле да запишат втор факултет бидејќи физиката во првите две години им била позната од средно училиште.

Стефан одел на сите предавања на Електротехничкиот факултет во првата и втората година, а на факултетот по физика ги следел предавањата во третата и четвртата година.

- Не можам да кажам дека беше лесно, ниту дека е многу тешко - вели Стефан.

Овој млад научник посочува дека студирањето му било полесно поради математичката гимназија што ја завршил. Стефан секогаш сакал нешто повеќе. Така, веќе во четврто одделение учел квантна механика, што е предмет во третата година на факултетот по физика. Математиката ја засакал во третото одделение.

- Физиката ми се допадна бидејќи е математика што се применува за да се опише светот и природата околу нас. Ми се допадна како врз основа на математички формули може да се опишат природата и законите што важат во неа. Математиката е јазикот на физиката - вели Стефан, додавајќи дека имал добра наставничка по физика во основно училиште која се трудела учениците да ја разберат физиката.

Најтешки предмети во текот на студирањето му биле основи на електротехника и програмирање на Електротехничкиот факултет. Добил деветки по овие предмети, но потоа повторно ги полагал бидејќи знаел дека на првиот испит згрешил во пресметките, а знаел за десетка.

Иако тој штотуку се запишал на магистерски студии на факултетот по физика, однапред ги положил сите испити, а му останал само магистерскиот труд. И овие испити ги положил со десетки, а минатата недела застанал и на другата страна во предавалната. Сега е асистент на факултетот по физика, а го предава предметот релативна квантна механика.

Извор: direktno.rs

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование