X
 26.10.2021 Живот

Од заклучување до живот без рестриктивни мерки: Ваква е ситуацијата во Европа

Европа е единствениот дел од светот што бележи зголемување на нови случаи на ковид-19, објави Светската здравствена организација (СЗО). Ова е трета последователна недела како Европа бележи зголемување на бројот на заразени со коронавирус.

Источна Европа и Русија бележат сѐ повеќе смртни случаи и инфекции, најмногу поради неодлучност и колебање во вакцинацијата, па според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), опфатот со вакцини во тој дел од Европа достигна само 24 отсто.

Различните стапки на вакцинација ги доведоа Источна и Западна Европа на два одвоени колосеци

- Различните стапки на вакцинација ја доведоа Источна и Западна Европа на два одвоени колосеци, но заедничко е што стапката на инфекција е поттикната од олеснување на ограничувањата, студеното време ги принудува луѓето да се собираат во затворени простории и сега доминантен е високо заразниот делта-сој - вели д-р Питер Дробац, специјалист за глобално здравје на Факултетот за бизнис на Универзитетот „Саид“, Оксфорд.

Западна Европа, исто така, забележува зголемување на случаите на ковид-19 и покрај тоа што некои земји имаат речиси универзална покриеност со вакцини. Стапката на инциденца на ковид-19 во Германија се искачи на 100 нови инфекции на 100.000 жители во саботата, првпат од мај. Белгија и Ирска имаат највисоки стапки на заболени во Западна Европа, според ECDC, со инциденца од 325,76 и 432,84 на 100.000 луѓе, соодветно.

Подолу е даден преглед на ситуацијата низ Европа.

Латвија воведе заклучување


Минатиот четврток Латвија стана првата земја во Европската Унија што воведе заклучување поради голем број случаи, последица на ниската стапка на имунизација. Само 56 отсто од сите возрасни лица во таа земја ги примиле двете дози од вакцината, во споредба со просекот во ЕУ од 74,6 отсто.

Романија има една од највисоките стапки на смртност во светот

Романија повторно ќе воведе ноќен полициски час в понеделник и ќе ги прогласи здравствените пропусници за задолжителни за повеќето места, откако беа регистрирани 19,25 смртни случаи на милион жители, една од највисоките стапки на смртност од ковид-19 во светот по глава на жител.

Проблемите во Романија не се поради недостиг на вакцини. Земјите од ЕУ имаат пристап до сите вакцини одобрени од ЕУ, но, како и во многу земји од Балтикот до Балканот, воведувањето на вакцината во Романија е попречено од двоумењето, лошата владина комуникација и недовербата во Владата. Според ECDC, само 35,6 отсто од возрасната популација се целосно вакцинирани.



Рекорден број нови случаи во Украина

Украина во четвртокот пријави најголем дневен број случаи на ковид-19 од почетокот на пандемијата (22.415), по неколку дена откако претседателот Володимир Зеленски ги повика граѓаните да се вакцинираат велејќи дека тоа е единствениот начин да се спречи заклучување.

Училиштата во украинските жаришта се затворени од петокот, а Владата објави дека се неопходни сертификати за вакцинација или негативен тест за пристап до јавниот превоз во главниот град, откако бројот на дневни смртни случаи достигна рекордни 614.

Најлошата фаза на пандемијата во Русија


Русија минува низ најлошата фаза на пандемијата. Москва започна 10-дневно заклучување во понеделникот бидејќи државните службеници отворено признаа дека земјата се соочува со ужасна зима.

Русија денеска пријави најголем број случаи на ковид-19 во еден ден од почетокот на пандемијата, додека во некои делови на земјата од денеска се спроведува наредба за платена неработна недела, чија цел е да се избегнат уште повеќе новозаразени и смртни случаи. Работната група за коронавирус на Владата извести дека во последните 24 часа се регистрирани 37.930 нови инфекции со коронавирус, што е дневен рекорд, како и 1.069 смртни случаи од ефектите на ковид-19, шест помалку од озлогласениот рекорд од 1.075 поставен во саботата.

Претседателот Владимир Путин минатата недела најави дека ќе биде воведена платена неработна недела од 30 октомври до 7 ноември, но додаде дека секој регион треба евентуално да го продолжи тој период или да започне порано, во зависност од епидемиолошката ситуација. Шест руски региони, вклучувајќи ги Самара и Перм, во понеделникот почнаа да спроведуваат платена неработна недела.

Исто така, Путин нареди дополнителен сет мерки, вклучително и зголемено тестирање, построги контроли за носење маски и физичко растојание и забрзување на кампањата за вакцини, при што вработените добиваат два платени слободни дена како награда за вакцинација.

В четврток Москва ќе ги воведе најстрогите мерки за изолација досега, што значи дека ќе останат отворени само основните продавници, како супермаркетите што продаваат храна и средства за хигиена и аптеките.

Невакцинираните граѓани над 60 години од денеска ќе мора да останат во своите домови во следните четири месеци. Во меѓувреме беше донесена одлука за затворање на сите московски училишта.

Проблеми во Британија

Британија бележи најмногу дневни случаи во Западна Европа. Здравствените експерти и медицинските организации побараа од британската Влада повторно да воведе мерки како што се задолжително носење маски или сертификати за вакцинација, како другите европски земји, за да се спречи воведување рестриктивни мерки како што е заклучување.

Но, Владата ги отфрли ваквите мерки и покрај зголемениот број хоспитализирани лица и смртни случаи.

Шведска ги укина мерките, ситуацијата се подобрува. Вакцинираните луѓе повеќе не треба да се тестираат


Пред десет дена Шведска направи уште еден чекор кон нормализирање на секојдневниот живот на своите граѓани, укинувајќи ја обврската за тестирање за коронавирус на 1 ноември за сите целосно вакцинирани лица, за лицата што неодамна имале ковид-19 и за децата до шест години.

На редовната неделна прес-конференција на Шведскиот завод за јавно здравје беше објаснето дека споменатите категории граѓани едноставно треба да останат дома додека не закрепнат во случај на појава на симптоми. Тие можат да се вратат на работните места, факултетите или училиштата без тестирање, откако еден ден нивната треска ќе изостане, дури и ако сите симптоми на болеста не престанат.



Оваа одлука е последица на подобрувањето на епидемиолошката состојба во Шведска, која и покрај укинувањето на сите претходни мерки пред две недели, одржува ниска стапка на зарази и смртност од ковид-19. Во последните две недели Шведска има 81 инфекција на 100.000 жители, што ја става меѓу десетте европски земји со најниска стапка на инфекција.

До минатиот четврток Шведска целосно вакцинира речиси 80 отсто од населението на возраст над 16 години, а најмалку една доза од вакцината против ковид-19 им е дадена на 84,4 отсто од граѓаните. Наскоро ќе започне вакцинацијата на децата од 12 до 16 години, а на постарите граѓани и на ранливите групи ќе им биде понудена трета доза.

И Данска ги укина сите мерки


На 10 октомври Данска ги укина мерките воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот, потег што се објаснува со високата покриеност со вакцинација на населението.

Луѓето повеќе не мора да покажуваат сертификат за ковид-19 кој покажува дека се вакцинирани, дека ја прележале болеста или имаат негативен тест, дури и на големи настани, како фудбалски натпревари или во ноќни клубови, кои штотуку се отворени.

Ноќниот живот повторно беше дозволен на почетокот од месецов, по една и пол година. На почетокот луѓето мораа да покажат ковид-сертификати.

Овој услов е укинат и за кафеани, спортски сали и други дејности.

Досега 83 отсто од Данците постари од 12 години се целосно вакцинирани.

И Норвешка ги укина мерките


Кон крајот на септември и Норвешка ги укина мерките.

Меѓу другото, правилата за физичко растојание повеќе не важат, а се отфрлени и ограничувањата за бројот на учесници на настани и собири.

Останува само барање за карантин во случај на инфекција. Ограничувањата за влез, исто така, постепено се укинуваат. Во споредба со другите земји, Норвешка помина релативно добро во пандемијата.

Норвежаните го прославија крајот на мерките за коронавирус со неколку забави: ноќните клубови и пабовите беа преполни.

kovid
Фото: Freepik

Бројот на новозаразени во Германија е во пораст

Бројот на нови инфекции со коронавирус во Германија е во пораст, а државниот епидемиолошки институт „Роберт Кох“ предвидува уште поголем раст во наредните недели.

- Мора да се земе предвид дека во продолжението на есенскиот период и претстојната зима нагло ќе се забрза зголемувањето на бројот на нови случаи - се вели во соопштението на Институтот „Роберт Кох“.

Бројот на новозаболени на 100.000 жители во изминатата недела изнесува 95,1, што е значително зголемување во однос на септември кога инциденцата беше 65.

Италија воведе една од најстрогите мерки во светот

Италија од 15 октомври воведе една од најстрогите мерки во светот, со која се бара од сите вработени во јавниот и во приватниот сектор да имаат потврда за вакцинација, негативен тест за коронавирус или потврда дека неодамна закрепнале од инфекција.

Работник кој нема да може да приложи валиден здравствен сертификат ќе биде суспендиран без плата, но не може да биде отпуштен. Оние што ќе ја игнорираат уредбата и ќе дојдат на работа без ковид-потврда ќе бидат казнети со парична казна од 600 до 1.500 евра.

Оваа одлука предизвика големи протести низ целата земја.

Србија воведе многу построги мерки


Од 22 октомври Србија воведе ковид-пропусници за сите затворени угостителски објекти по 22 часот.

Невакцинираните гости во угостителските објекти мора да покажат негативен ПЦР или антигенски тест, извршен во една од референтните државни лаборатории.

Најавените казни се движат околу 40 евра за гости, околу 250 евра за ковид-редари, доколку им овозможат влез на невакцинираните, и околу 2.500 евра за правни лица ако инспекторите пронајдат прекршители.

Од почетокот на епидемијата Србија има регистрирано 1.104.117 случаи на зараза, а официјално се пријавени 9.571 смртен случај, со стапка на смртност од 0,87 отсто.

Ситуацијата во Словенија се влошува. Наскоро построги мерки?


Поради влошување на епидемиолошката состојба во Словенија, се зајакнуваат контролите на патниците во јавниот превоз, а се размислува и за воведување дополнителни мерки, иако Владата сè уште ги нема соопштено.

Бидејќи јавниот превоз се смета за место на забележливо ширење на инфекцијата, Владата објави дека инспекторите почнале да ги заоструваат проверките на пропусниците за коронавирус и да ги санкционираат оние што не го прават тоа.

Епидемиолозите особено предупредуваат на зголемениот притисок врз болниците, во кои моментално има 493 пациенти, од кои 127 се на интензивна нега. Според претходната стратегија на Владата, следното посериозно заострување на мерките ќе се воведе откако бројот на пациенти на одделенијата за интензивна нега ќе надмине 150, што може да се очекува наскоро со овој тренд.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот