Американската компанија „Епл“ е позната по високите цени на своите телефони, а новите модели не се издвојуваат. Новиот „ајфон 15 про макс“ се продава за 1.199 долари (1.131,74 евра) во САД, но какви се цените во Европа?
Очигледно, доколку сте во ЕУ и сакате да купите нов „ајфон“, тој ќе ве чини повеќе отколку жителите на САД. Цената на најновите модели варира од земја до земја, но најчесто е повисока отколку во САД. Во Франција „ајфон 15 про макс“ чини 1.479 евра, во Германија 1.449 евра, а во Италија 1.489 евра.
Цените се повисоки и кога станува збор за поевтините модели. Основниот модел на „ајфон 15“ во САД чини 754,18 евра, додека во Франција е 969 евра, во Германија 949 евра, а во Италија е 979 евра.
Зошто телефоните на „Епл“ се поскапи во Европа?
Голема причина за повисоките цени е данокот, кој е вклучен во европските цени, а во САД се додава по купувањето. Висината на данокот зависи од сојузната држава и најчесто се движи помеѓу 2,9 и 7,25 отсто. На пример, доколку купувате „ајфон 15 про макс“ во Вашингтон, каде што данокот е 6 отсто, ќе платите дополнителни 71,94 долари (67,90 евра) на наплатната каса.
Сепак, еден купувач во Лос Анџелес, каде што данокот е особено висок, ќе плати 239,74 евра помалку за најскапиот телефон на „Епл“ во САД отколку купувач во Франција. Причината за повисоките цени во Европа не се сосема јасни, иако тие се реалност повеќе години.
Во 2016 година компанијата изјави дека ги одредува цените во странство врз основа на повеќе фактори, како девизни курсеви, локални закони за увоз, деловни практики, даноци и трошоци за водење бизнис.
Извор:
Euronews
Насловна фотографија: Pixabay