Чудни времиња се овие во кои е забрането да бидеме на куп, а сепак е невозможно да опстанеш сам. Што учиме или што научивме за овие неколку месеци, и дали ќе успееме да го примениме наученото?
Автор: Д-р Мими Пехчевска, експерт за личен и организациски развој
Живеeме во свет во кој секој од нас има единствено искуство како поединец кој никако не може да биде изземен од целината која се нарекува заедница. Секој од нас има живописно детство кое нè обликува и гради, семејство кое нè насочува, пријатели кои нè потикнуваат, а ние сме тие што ја носат конечната одлука за нашите постапки. Единствено ние самите одбираме што сакаме да постигнеме во животот.
Во различни животни фази им даваме приоритет на различни луѓе, во зависност од тоа во која фаза на развој сме. Како самите се развиваме, така се развиваат и нашите пријателства, се менуваат, а некои и завршуваат. Некогаш одбираме пријатели кои ни се слични, некогаш кога со нив добро се забавуваме, а некогаш одбираме и такви што придонесуваат да се чувствуваме најдобро, со кои ние сме најдобрата верзија од себеси.
Сите поединечно, секој за себе, но сепак заедно газиме еден пат кој се нарекува живот. Овој пат животот се пресретна со голем предизвик наречен пандемија и успеа да нè изобличи, да нè искриви, да нè исправи, но има и такви што сосема ги уништи. Чудни времиња се овие во кои е забрането да бидеме на куп, а сепак е невозможно да опстанеш сам. Што учиме или што научивме за овие неколку месеци, и дали ќе успееме да го примениме наученото?
Научивме дека среќата е ништо друго туку наш избор, научивме дека единствено самите можеме да си ја креираме и научивме дека секој еден е заменлив. Што од наученото ќе им пренесеме на следните генерации? Сам си ја креираш среќата, но опкружен со несреќни луѓе е исто како да си сам на преубав рајски остров. Дојдоа времиња кога е нужно да си помагаме за да преживееме, да ја прелеваме среќата едни на други, да ја умножуваме несебично, само тоа е патот по кој треба да газиме.
Заедно сме поубави, но заедно сме и појаки! Нè учеа од мали и не бевме свесни колку е силна пораката што се пренесува. Некои од нас не ја разбираат ниту сега. Всушност, сите имаме иста цел. Да живееме среќен живот, некој со повеќе, некој со помалку среќа, но сите со задоволено основно чувство на безбедност. И кога нашата безбедност е нарушена, немаме ниту волја ниту разум да мислиме на нешто посложено.
Затекнати во ова чудно секојдневие, каде што вистински човекот на човек му е волк, успеавме да ја уништиме и онаа малку тврда почва што ни го дава чувството на безбедност. Луѓе со свест сме, но како заслепени од некоја невидлива магија си нанесуваме уште поголема болка од онаа што веќе нè снајде. Себични и занесени од својата немоќ, никако да ни текне да си подадеме рака. Додека едни се клеветат, други се исмејуваат, трети ринтаат, четврти очајуваат, едно е сигурно - сите заедно губиме време. А времето нè гази сè подлабоко. Ќе изгубиме сè што ни е најмило, што ни е најсвето, сè што сме сакале и не сме знаеле дека сакаме, без и воопшто да се обидеме. Ниту една битка, ниту еден план, ниту една желба не може да биде остварена ако не чекориме во ист ритам. Зарем сè уште не ни е јасно дека само ако сме единствени можеме да излеземе од оваа голгота!
*
Авторката е и професионален тренер за личен и организациски развој и кариерен советник