X
 27.01.2022 Наука

Астрономите забележале вселенско тело какво што не било видено досега

Тим воден од астрономи во Австралија открил сосема нов вид вселенско тело кое се однесува на начин кој досега не бил забележан. Вселенското тело се наоѓа на оддалеченост од околу 4.000 светлосни години, што е релативно блиску до нас.

Астрономите го забележале како се врти и редовно испраќа големи сигнали на енергија кои траат цела минута. Тие се повторувале на секои 18 минути.

Однесувањето на мистериозното вселенско тело е слично како на пулсар или магнетар, кои се вртат додека испраќаат пулсеви од енергија кои може да се регистрираат од Земјата. Но пулсевите на овие вселенски тела се пократки, а досега не бил регистриран извор во вселената кој испраќа подолги пулсеви.

Чудното тело првпат било забележано од страна на студентот Тирон Одоерти со телескоп во Западна Австралија.

Според астрономите, необичното вселенско тело би можело да биде мртво јадро од ѕвезда со многу моќно магнетно поле или специфичен вид магнетар, односно неутронска ѕвезда со екстремно моќно магнетно поле, за која било предвидено дека постои теоретски.

Сега необичното вселенско тело престана да испраќа видливи пулсеви, но астрономите ќе продолжат да го набљудуваат.

Извор: Cnet
Фото: Wikipedia

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука