Зимата во Велика Британија знае да биде сурова, но во понеделникот сонцето беше во полн сјај и температурите се искачија на нивоа кои никогаш порано не биле забележани во оваа студена и темна сезона.
Во Траусгојд, Велс, беа измерени 20,6 Целзиусови степени, највисоката температура што била забележана во Обединетото Кралство во февруари или во кој било друг зимски месец.
Ваквото време би се сметало и за невообичаено топло дури и во јули и август на оваа локација, каде што обично е студено и која е сместена на само 32 километри од студените води на Ирското Море.
На две други локации во Обединетото Кралство температурите исто така надминаа 20 Целзиусови степени и тоа се случува првпат во текот на февруари или во зимата откако има податоци.
Претходната највисока февруарска и зимска температура забележана во Обединетото Кралство била 19,7 степени и била измерена на 13 февруари 1998 година во Кралската опсерваторија во Гринич, Лондон.
По благиот викенд, температурите во лондонскиот Хајд парк се искачија над 19-тиот степен. Во понеделникот во метеоролошка станица во северозападен Лондон биле измерени 19,4 степени, што би била рекордно висока температура за градот.
Британците што не се врзани за бироата во канцелариите беа видени како јадат сладолед и наместо зимска облека, носеа маици и очила за сонце, а локалните паркови беа пополни од вообичаено. И додека некои се радуваа на топлото лето среде февруари, други коментираа дека топлото време не треба да биде причина за славење, туку за грижа.
- Денес во Лондон има 19 степени и ова оди кон нов историски рекорд за Велика Британија во февруари. Колку е обеспокојувачки тоа што топол, сончев ден истовремено може да биде и пријатен и апсолутно застрашувачки - истакна авторот Џејсон Хикел на „Твитер“.
Колку за потсетување, летото 2018 беше најтоплото лето во Европа откако има податоци, обележано со топлинскиот бран во јули, кога на многу локации во Норвешка, Финска и во Шведска, како и во многу други земји беа забележани рекордно високи
температури.