X
 27.11.2021 Живот

Британците ги претвораат телефонските говорници во книжарници и цвеќарници

Секој што бил во Лондон веројатно има фотографија со црвена телефонска говорница. Оваа позната говорница може да се сретне насекаде низ градот и е еден од многуте симболи на Лондон.

Приказната на црвената говорница започнала во 1924, кога градот организирал натпревар за нов дизајн на улични говорници. Идејното решение на архитектот Џилс Гилберт Скот било одбрано како најдобро. Црвената боја била одбрана за тие да бидат подобро видливи.



Меѓутоа, со развојот на технологијата и појавувањето на смартфоните, денес овие говорници ја губат својата првична функција и нивната употреба се намалила за дури 96 отсто.

Тоа не значи дека ова е крајот на говорниците. Британската канцеларија за комуникации „Офком“ најавила планови за зачувување на говорниците во подрачјата каде што покриеноста со мобилна мрежа е послаба и каде што се користат и денес. Во моментов во земјата се користат околу 5.000 телефонски говорници.

Другите говорници што не се користат се пренаменуваат за да се зачуваат и да бидат во некаква функција. Над 1.000 црвени телефонски говорници досега биле пренаменети како места за дефибрилатори од страна на здружението „Комјунити хартбид траст“. Дефибрилаторот е медицински уред што се користи за да му се помогне на лице што доживува срцев удар.



Некои говорници биле пренаменети во вај-фај станици за јавен интернет, а една говорница била претворена во мал ноќен клуб пред три години. Досетливите Британци претвориле некои говорници во книжарници, цвеќарници, па дури и ресторани.



Извор: Green
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот