„Тик-ток“ е платформа за социјални медиуми која го освои светот, привлекувајќи корисници од сите возрасти, а особено помладата публика. Но, која е тајната на неговиот успех? Кои се клучните елементи што придонесоа за доминација на „Тик-ток“ на пазарот, со акцент на иновативниот алгоритам на платформата?
Предностите на „Тик-ток“
„Тик-ток“ беше пионер во кратките видеа, добивајќи значителна предност во искуството и податоците во споредба со подоцнежните конкуренти како „Инстаграм рилс“ и „Јутјуб шортс“. Дополнително, фокусот на мобилните уреди го прави „Тик-ток“ особено привлечен во денешниот свет, во кој доминираат паметните телефони.
Видеата лесно се прават со вградени филтри, текст, ефекти, звук и употреба на музика, што не е заштитена со авторски права. Постојано има нови трендови кои ги задржуваат корисниците заинтересирани за создавање свежа содржина, притоа нудејќи разноликост за корисниците да преземаат и да споделуваат. Друга ефикасна тактика што ја користи платформата е да ги охрабрува корисниците да формираат јавни групи за предизвици и трендови, преку хаштази кои ги одржуваат корисниците ангажирани. Последно, но секако не и најмалку важно, платформата нуди многу потенцијал за слава. Постојат микро и наноинфлуенсери кои немаат огромен број следбеници, туку реалистичен пат до препознатливост, но истовремено обезбедуваат профитабилни спонзорства.
Алгоритамот е срцето на „Тик-ток“
Уникатниот алгоритам е клучен елемент за успехот на платформата. Преземено од кинеската сестринска апликација „Дојин“, користи машинско учење и вештачка интелигенција, подобрени со означување луѓе, за длабоко разбирање на содржината и преференциите на корисниците. Ова ѝ овозможува на платформата да ја прикаже најрелевантната и најпривлечна содржина за секој корисник во временската линија која со текот на времето станува значително подинамична, поатрактивна, па дури и способна да ги следи промените во интересите на корисниците, во одредено време од денот. Имено, алгоритамот на „Тик-ток“ брзо учи за интересите на корисниците врз основа на интеракциите со видеата, надминувајќи го „Јутјуб“ во овој поглед. Ова е овозможено токму со менување на кратките видеоформати кои се консумираат побрзо, во споредба со долгите видеа на „Јутјуб“.
Контроверзии за алгоритамот
Алгоритамот на „Тик-ток“, иако е ефикасен, не е без свои критичари. Многумина изразуваат загриженост за влијанието на алгоритмите врз менталното здравје, особено кај децата и младите. Зошто? Со прикажување содржина во која ужива корисникот, доаѓа до наплив на допамин, кој испраќа сигнали на задоволство и возбуда до мозокот. Создава пријатно, па дури и еуфорично чувство. Но, не само што се прикажува интересна содржина цело време, туку алгоритамот се користи и за прикажување содржини надвор од интересот на корисникот. Ова предизвикува ненадејна промена во која нивото на допамин во мозокот се намалува и предизвикува спротивност од доброто чувство. Ова води до циклус на понатамошно барање содржина (корисниците кои остануваат на „Тик-ток“), во потрага по содржина што повторно ќе ги насмее, ќе ги развесели додека допаминот повторно не влезе во мозокот. Процесот се повторува. Токму оваа игра со високо и ниско ниво на допамин може да биде фрустрирачка и манипулативна, да предизвика растројство на хиперактивност и подоцна краток опсег на внимание во реалниот живот, но исто така е причина и за појавата на зависност. И ова прашање за влијанието на алгоритмите врз менталното здравје на корисниците останува дополнителна тема за дискусија.
Заклучок
Сега ви е појасно зошто „Тик-ток“ постигна огромен успех. Покрај сето ова, голем број истражувања и студии покажале дека иако корисниците често можат да ја видат истата содржина споделена на „Инстаграм“, „Фејсбук“ или „X“, тие сепак претпочитаат да уживаат во своето време на „Тик-ток“ бидејќи се воодушевени од содржината што ја наоѓаат, нејзината позитивност и автентичност.
Извор: pcekspert.com
Фото: Freepik